На пригодна свеченост што ќе се одржи утре, 18 јануари во куќата на Уранија на МАНУ, ќе биде доделена годинешната Светска награда за хуманизам, чиј добитник годинава е Романо Проди, еден од водечките визионери и градители на европската идеја,екс-премиер на Италија и претседател на Европската комисија.

Професорот Проди е тринаесетти добитник по ред на ова исклучително признание кое што Охрид, претходно му го додели и на нобеловците Александр Солжењицин, Херта Милер, светските легенди Даисаку Икеда, Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел Де Оливеира, будејќи ги изворите на духовната меморија од првата средновековна школа на хуманизмот, основана од учениците на Св. Кирил и Методиј, заштитниците на Европа.

Пригодни беседи за Проди ќе одржат Јордан Плевнеш и Рикардо Бризи, професор на Универзитетот од Болоња. Во присуство на амбасадорите на Европската унија, Италија, Франција, Бугарија и Белгија, градоначалникот на Охрид ќе му ја врачи наградата на добитникот Проди, пред поголема меѓународна асемблеја на гости, меѓу кои и претставници и градоначалници од збратимените градиви на Охрид од Европа и градовите под покровителство на УНЕСКО.

Истата вечер, со посебно признание ќе му биде одадена почит на неодамна починатиот бугарски академик Светлин Русев, добитник на Светската награда за хуманизам во 2014 година, автор на спомен обележјето „Охрид–Центар на светскиот хуманизам“, кое треба да биде свечено поставено на плоштадот „Долна Порта“.

OhridNews