Од Хуманитарното здружение на Ромите “Светлина 2007” реагираат поради, како што велат од здружението, сознанијата дека се врши голем притисок над ромското население во Охрид, а во врска со пописот кој е во тек. – Од таканаречените Еѓипќани се врши досега невиден притисок врз Ромите за изјаснување на национален идентитет, односно да се изјаснуваат како Еѓипќани, а не онака како што тие се чувствуваат т.е. како Роми, стои во испратениот допис од здружението.

Од таму потсетуваат на со Устав загарантираното право припадниците на националностите слободно да ги изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и националност.

 – „Црното доба“ на асимилација заврши во минатиот милениум, сега владее ерата на интелектуализмот, прогресивноста, и соработката па тргнувајќи од тоа би сакале јавно да им кажаме на сите пријатели и на оние  „другите“ да се раководат според овие максими. Она што некој намерно сака да ни го наметне како проблем нема да биде проблем ако сите ние сме свесни за последиците и прифатиме заедничко решение. Точно е дека помалите етнички заедници се секогаш на удар од поголемите, но ако се здружиме и покажеме волја за соработка и соживот дури тогаш „малите риби ќе можат спокојно да пливаат со големите“ без притоа да се грижат и стравуваат за последиците од проблемите кои секогаш ни се наметнати од некој на кого тоа му одговара, стои во реакцијата на здружението “Светлина 2007”.

OhridNews