Ромите во Македонија во последниот период доживуваат економска, општествена,  културна и политичка ренесанса, вели претседателот на Партијата Демократски сили на Ромите, Шабан Салиу.

Тие, како никогаш до сега, се  посветени на образованието и за разлика од времето кога јас дипломирав и кога бев единствен во мојата околина, сега условите се менуваат- се повеќе Роми имаат основно и средно образование, а голем е бројот и на оние кои студираат и магистрираат. Ромите сфатија дека визата кон подобар живот е образованеието, дека без него нема подобра иднина и дека ако не се образовани не можат да очекуваат рамноправност и еднаквост со другите, потенцира Салиу.



Како што нагласи претседателот на Партијата Демократски сили на Ромите, во Македонија според официјалните податоци живеат 52. 000 Роми.

 – Неофицијалните пак податоци, според нашите направени анализи, покажуваат дека таа бројка е многу поголема, односно дека во Македонија живеат над 120.000. Асимилацијата си го направи своето. Во претходниот период голем број од Ромите низ земјава се претставуваа како Турци, Албанци, Египќани, пред се поради лошите услови во кои живеат и затоа што сметаа дека на тој начин подобро ќе се интегрираат во државата и ќе ги остварат нивните индивидуални и колективни права, нагласува Салиу.

По повод 8- ми април, Светскиот ден на Ромите, огранокот на Партијата Демократски сили на Ромите во Центарот за култура Григор Прличев одржа пригодна свеченост на која  присуствуваа претставници од Советот на општина Охрид, политичките партии, невладини организации.


8- ми април како Светски ден на Ромите се одбележува уште од 1971 година кога  се одржа Првиот светски конгрес на Ромите. На конгресот присуствуале делегати од 14 земји. Тие го прифатиле името Ром, определиле официјално знаме и химна на сите Роми во светот, а за прв претседател го избрале Слободан Берберски.

Ромите, кои потекнуваат од Индија, ги има во цела Европа. Според современите истражувања, нивниот број се движи од 12 до 15 милиони. Најголемиот дел, околу 70 проценти живеат во  Источна и Југоисточна Европа.

Т. К.