Најдобриот светски фудбалер, Кристијано Роналдо, по поразот од Барселона (3:4), изјавил дека судијата Ундиано Маљенко не бил дораснат на задачата да го води „Ел Класико“.
„Овој судија не беше на висина на задачата. Потребен ни е судија кој е смирен, тој беше многу лош. Се се смени по пеналот на Нејмар, за нас не судеше уште еден пенал. Пет години сум во Реал, почнав да разбирам како функционираат работите. Ние никогаш не профитираме од судиските одлуки“, рекол Роналдо.
Португалецот, кој луто ги коментираше одлуките на главниот судија, заборави дека прекршокот за пеналот кој го Маљенко го досуди за Реал, беше направен надвор од шеснаесетникот на Барселона.
Реал во дербито загуби од Барселона, а мечот покрај судијата Маљенко, го одбележа црвениот картон на Серхио Рамос и ’хет-трикот’ на Лео Меси, со кој Аргентинецот испиша нова историја во пресметките со Реал.
Критики до главниот судија упати и Серхио Рамос кој во 62.минута доби директен црвен картон, поради фаулот врз Нејмар.
„Не го допрев Нејмар. едноставно застанав, затоа што повеќе преферирам 3:3 него играч помалку и пенал. Сите видоа што се случи, на крајот и можевме да извлечеме реми но не ни дозволија. Постојат некои работи против кои не можете да се изборите“, заклучил Рамос, кој против Барселона го доби 19-от црвен картон во кариерата.
На девет рунди до крајот на Примера, Атлетико и Реал имаат по 70 бодови, а Барселона е зад нив со бод помалку.
„Макфакс“