Републиканскиот конгресмен на Калифорнија и претседавач на поткомитетот за Европа, Евроазија и опасности во пораст, Дана Рорабакер, во врска со неговата неодамнешна, контраверзна и широко цитирана изјава за Македонија, даде појаснување дека бил погрешно разбран и дека смета оти Македонија е легитимна држава, јавува „Макфакс“.

„На крајот на едно неодамнешно интервју, направив многубројни неформални искази за Република Македонија. Неодамна согледав дека некои од тие искази погрешно ја пренесле мојата намера. Оваа изјава ја појаснува мојата позиција. Македонија е легитимна држава со право на самоопределување и почитување на границите. Мојот коментар алудираше, можеби погрешно, на мојата загриженост кон предизвиците во внатрешното владеење со кои Македонија се соочува во врска со етничките малцинства“, вели конгресменот во официјално писмено соопштение.

„Јас во никој случај не сакав да кажам дека некој друг, освен Македонците треба да го утврди суверенитетот или границите на Македонија. Ако моите зборови беа сфатени на друг начин, јас длабоко се извинувам“, вели Рорабакер.

„Сакам да оддадам почит и да аплаудирам за позитивниот однос кој САД го има со Македонија. Македонија е вистински пријател на САД. Ова е особено видливо во значајната поддршката што македонската армија ја дава во текот на изминатите 20 години на САД, на НАТО, како и на придружните мултилатералните организации за одбрана, на мировните операции и операциите поврзани со бегалците во Авганистан, Ирак, Босна и Косово.

Имав можност да сретнам многу Американци (и Македонци) кои споделија со мене многу корисни историски факти и информации за Македонија и регионот, како и за сегашната динамика на истиот. Со нетрпение очекувам заедничка соработка во иднина и што е најважно, заедно, континуирано, да даваме се од себе за да помогнеме во формирањето на надворешната политика на САД, така што тоа ќе резултира со мирен, просперитетен и слободен Балкан“, завршува Рорабакер.

Во текот на интервјуто за „ТВ Висион Плус” од Албанија, Рорабакер изјави “со жалење изјавувам дека (Македонија) не е држава… Косоварите и Албанците од Македонија треба да станат дел од Косово. Другиот дел од Македонија треба да стане дел од Бугарија или било која друга држава на која сметаат дека и припаѓаат. Идејата дека треба да ја одржуваме Македонија во живот бидејќи некој пред 30 години одлучил вака како најдобро решение по распадот на Југославија не е доволно оправдание дека оваа идеја треба уште да постои.”

Поради оваа изјава и членовите на Обединетата македонска дијаспора побараа негова оставка.

OhridNews