Ротаракт Клубот Охрид, по успешната донаторска акција која се одржа на 21 Декември во Игротеката “Smiley” во Охрид, заокружувајќи ја годината, со помош на “Македонската Мисија за Хуманост” подготви 50 новогодишни пакетчиња кои ќе ги донира на децата без родители од  Домот за доенчиња и мали деца во Битола.

Неизмерно сме среќни што во оваа новогодишна атмосфера ќе можеме да им посветиме мал знак на внимание на децата од домот, надевајќи се дека на тој начин би придонеле за момент на радост на децата кои од тоа имаат најголема потреба. – вели Александра Петреска – Претседател на Клубот за 2014/2015год.

Нашата скромна заложба, не значи дека ќе ја замени огромната потреба за грижа на овие дечиња, но навистина сме среќни што посебноста и успешноста на оваа акција се должи на тоа што овој настан беше целно организиран со порака “ Од децата – за децата” , односно преку дружењето на најмладите со членовите на Ротаракт Клубот пред една недела во игротеката “ Smiley ”,  најнепосредно се разбуди свеста на родителите и сите присутни, дека за жал, има и дечиња кои во овој период не се со своите семејства и дека сите ние, барем и малку, во рамките на нашите можности треба да придонесеме за нив. – изјави Драги Здравески, Чартер Претседател на Клубот / Претседател на Асоцијата на Ротаракт Клубовите на Македонија.

Ротаракт Клубот Охрид, заедно со “Македонската Мисија за Хуманост”, ќе го посети домот во Битола и ќе ги подари новогодишните пакетчиња за време на Божиќните празници.

OhridNews