Сите охриѓани кои се на возраст од 18 до 30 години, кои имаат потенцијал, квалитет и сакаат да продонесат за подобрување на заедницата во која живеат ќе може да станат потенцијални членови на ,,Ротаракт клубот” од Охрид. Интервјуто за  прием на нови членови во овој клуб ќе се одржи во вторник на 24 декември 2014 година во Кафе барот ,,Ликвид’’ во Охрид со почеток во 20 часот.

-Оние кои сакаат да дојдат на интервјуто треба со себе да понесат испринтано CV и мотивационо писмо во кое ќе наведат која е нивната желба да бидат дел од овој клуб и на кој начин и со кои способности би можеле да се вклучат во работата на клубот, информираат од ,,Ротаракт клубот” од Охрид.

Од таму нагласуваат дека  клубот сака да го збогати своето членство со млади, креативни и луѓе полни со ентузијазам кои сакаат да му служат на општеството, да го збогатат своето животно искуство и да придонесат за општото добро на заедницата во која живеат.

-Причината заради која постои Ротаракт е да обезбеди можности за младите луѓе да се здобијат со знаење и ваштини кои ќе им помогнат во нивната професионална кариера, а притоа и подобро да ги разберат физичките но и социјалните потреби на нивната заедница. Исто така членовите на Ротаракт клубот се залагаат за подобри меѓучовечки односи на сите луѓе насекаде низ светот преку пријателство и взаемно помагање и почитување, појаснуваат од охридскиот ,,Ротаракт клуб”.

Ротарактот е меѓународна организација на млади професионалци и лидери на возраст од 18 до 30 години кои се обврзале да служат и помагаат во нивната заедница но и надвор од неа. Основана во 1968 година од страна на Ротари Интернешнл, Ротаракт е глобална мрежа на млади луѓе кои го менуваат светот со клубови во повеќе од 160 земји во светот.

OhridNews