Медицинска опрема во вредност од 40.245 евра ќе биде донирана на Детското одделение при охридската Општа болница од страна на Ротари клубот од Охрид. Оваа вредна донација е реализирана со поддршка на Ротари фондацијата на Ротари Интернешнл и неколку ротари клубови од Италија, Шведска и Србија.

Според најавите, на официјалната церемонија за примопредавање на опремата која ќе се одржи утре, ќе присуствуваат Руди Муфти, претседател на Ротари клубот од Охрид и Леонардо де Анџелис, претседател на Ротари фондацијата во дистриктот 2072.

Набавената нова опрема е од врвни странски производители и се состои од Ултрасонограф со педијатриска абдоменална и педијатриска кардиолошка сонда со 2Д, 2Д доплер, колор доплер со абдоменален и кардиолошки софтвер, електрокардиограф ЕКГ – 12 канално, микроскоп, оптички со објектив за имерзија, инфузомати, спирометар за деца, пулсооксиметар за доенчиња и деца, кислородни боци, отоскоп, педијатриски монитор со ЕКГ.
 
Ова не е прва соработка меѓу Охридските ротаријанци и Одделението за педијатрија при  Општа болница во Охрид. Во рамки на стариот објект во болница Ротари клубот донираше средства за адаптација на шест болнички соби на тогашното детско одделение.

OhridNews