Викендов, околу 15 часот, на пешачката патека која води до Инекс Горица, ротфајлер нападнал жена која го шетала своето домашно милениче- куче од помала раса.

Имено, ротфајлерот кој се движел во близина на својот сопственик, при тоа не носејќи ниту маска ниту ремен, кога ги забележал жената и помалото куче веднаш агресивно ги нападнал. Сакајќи да го заштити сопственото куче, жената го подигнала, но тоа не го спречило ротвајлерот да продолжи да ги напаѓа, при што на жената и биле нанесени полесни повреди, но нејзиното куче завршило на ветеринар каде му биле зашиени раните.

Ова не е единствениот случај кога граѓаните се жртви на агресивното однесување на кучињата, особено од поголемите раси, кои сопствениците секојдневно ги шетаат без маски и ремен, иако тоа е законска обврска.

И покрај бројните најави од надлежните дека  ќе се засилат мерките против сопствениците на кучиња кои не ја почитуваат законската обврска, очигледно е дека тоа не се реализира. Вистинска реткост е да се види сопственик кој своето куче го шета со маска, а најчестото оправдување на сопствениците за непочитувањето на ваквата законска обврска е дека нивниот домашен миленик не ја поднесува маската.
     
Инаку, според Законот за ветеринарно здравство, комуналните инспектори се надлежни на сопствениците кои не ги почитуваат законските одредби, да им земат лични податоци и да поднесат прекршочна пријава која потоа се проследува до судот. За овој прекршок предвидени се парични казни и до 25. 000 денари.

OhridNews