Најдобриот играч на Чикаго Булс, Дерик Роуз, по пауза од 18 месеци, поради тешката повреда на коленото, се врати на кошаркарските терени, пренесува „Макфакс“.
Роуз, со 22 поени, го предводеше тимот до победата 96-81 против Детроит Пистонс, во натпревар од претсезоната во НБА лигата.
Некогашниот МВП на сезоната, на враќањето, доби огромна поддршка од тренерот, соиграчите и навивачите на Чикаго.
„Изгледа исто како и стариот Роуз. Брз е како што тоа беше и претходно“, изјавил по мечот тренерот на Детроит.
Самиот Роуз истакнал дека е презадоволен од начинот на кој се вратил по тешката повреда.
„Најважно, кога ќе имате повреда каква што имав јас и кога 18 месеци чекате да се вратите, е да ја разбиете менталната бариера во главата. Одлично се чувствувам кога знам дека немам повеќе никакви грижи. Немам болки, ниту било какви проблеми со повредата. Навистина сум подготвен за новата сезона“, изјавил Роуз.
Бекот на Чикаго дополнил дека е свесен дека на стартот од сезоната тој ќе биде во центарот на вниманието, особено кај навивачите.
OhridNews
извор:„Макфакс“