Возачот на Мерцедес, Нико Розберг ја забележа третата победа во кариерата, втора оваа сезона, откако триумфираше на трката за Големата награда на Велика Британија, која во неделата се возеше на патеката во Силверстон.


Покрај Розберг, на фантастичната трка, една од најдобрите оваа сезона, место на победничкиот пиедестал изборија Марк Вебер на Ред Бул и Фернандо Алонсо на Ферари.

Бодови во Велика Британија освоија уште Луис Хамилтон (Мерцедес), Кими Раиконен (Лотус Рено), Фелипе Маса (Ферари), Адријан Зутил (Форс Индија), Даниел Рикардо (Торо Росо), Пол ди Реста (Форс Индија) и Нико Хулкенберг (Заубер).

Актуелниот светски првак Себастијан Фетел не ја заврши трката откако се откажа во 42-от круг. Фетел предвреме ја заврши трката откако откажа менувачот на неговиот Ред Бул.

Трката во Силверстон повторно ќе покрене лавина критики кон производителот на пневматици Пирели, откако тројца возачи во  првите 15 кругови имаа проблеми со гумите. Ист проблем имаше и пилотот на Мекларен Серхио Перез во 47-от круг.

Најпрвин на лидерот на трката, во тој момент, Луис Хамилтон му експлодира левиот заден пневматик, истото во 11-от круг му се случи на Фелипе Маса, а потоа во 15-от круг од иста причина своите механичари мораше да ги посети Жан-Ерик Верњ.

И покрај то што не освои бодови на трката во Силверстон, Фетел го задржа водството во генералниот пласман, тој има 132 бода, на втората позиција е Фернандо Алонсо со 111 бодови.

Следната трка во првенството на Формула 1 ќе се вози на 7.јули во Нирбургринг.

OhridNews
извор:„Макфакс“