Доколку не постои неодложна потреба, да се избегнува патување во оној дел од денот кога температурите се највисоки, советуваат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Од РСБСП препорачуваат задолжително при влегување или излегување од возилото да се направи постепена аклиматизација и температурно прилагодување и постепена адаптација. Возачите, а посебно пешаците и велосипедистите да консумираат повеќе течности и да прават почести паузи. Да не се вози слалом, да не се пристигнуваат колони со возила и пешаци затоа што на тој начин се загрозува безбедноста во сообраќајот, а исто така дополнително се зголемува сообраќајниот метеж и застојот во сообраќајот.

Возачите да покажат повисоко ниво на толеранција кон пешаците и велосипедистите и согласно сообраќајните правила и прописи секогаш и навремено да им отстапат право на преминување. Да се почитуваат правилата за ограничување на брзината, а особено да се внимава да се држи безбедно растојание меѓу возилата и да се почитуваат ограничувањата на брзината затоа што топлото време и високите температури влијаат на соопирачкиот пат на возилото, поточно го продолжуваат сопирачкиот пат на возилото.

Покрај наведеното, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата потсетува на неколку важни работи кои се особено битни за безбедно и удобно учество во сообраќајот и избегнување на непријатностите во сообраќајот, а тоа се: задолжителна проверка на притисокот на гумите, проверка на течностите за разладување на моторот,  проверка на течностите за бришачите, клима уредот, акумулаторот и задолжително поголема количина на гориво во резервоарот.

OhridNews