Отворањето на бугарскиот клуб во Охрид со име „Цар Борис III“, соработник на фашистичкиот режим во Втората светска војна, под чија командна одговорност се депортирани околу 12000 Евреи од Македонија во концентрациони логори, е голема политичка игра која може да ескалира поради отсуство на соодветен институционален одговор. Ова го изјави универзитетскиот професор од Охрид Рубин Земон, автор на бројни научни трудови од областа на историјата и етнологијата и добар познавач на актуелните состојби на Балканот.

Мене ми е жал за ова што се случи во Охрид. Но ние си ги знаеме луѓето. Тие што беа горе на терасата со некои личности што беа долу до вчера ги гледавме како заедно политички делуваа. Не ми се јасни нивните концепти, но станува збор за голема политичка игра. Не ја знам причината, но може да ги прашате тие луѓе што мислат, што планираат и зошто им е потребно да прават вакви провокации, за мене ова е провокација, во момент кога пред Македонија стои голем предизвик, а тоа е започнување на преговорите со ЕУ. – вели Земон.

Тој се чуди како бугарската нација дозволува да биде промовирана преку клубови со имиња на соработници со фашизмот зад кои стојат личности кои поддржуваат такви идеи во нова форма.

Фашизмот постои во разни форми ден денес. Тие луѓе не се наивни, ги знаат сите дупки во законот и ги користат за нивни цели. Затоа со време треба да се реагира, да се направи добра анализа и стратегија. Немам ништо против бугарската заедница да има свои клубови, но срам е за бугарската нација што тука ни се презентира со најмрачните ликови од нивната историја. Бугарија има толку многу личности со кои може да се гордее, не само таа туку и светската култура, а ни се претставува со најмрачни структури. – истакнува професорот Земон.

Според Земон, Македонија недоволно ги промовира антифашистичките вредности, поради што ни се случува ваква ситуација. Дополнително загрижува, додава тој, што нашиот систем целосно затаи.

Можеби затаи нашата извршна власт околу регистрацијата на ваквите здруженија, но затоа е тука правосудната власт која треба да направи корекција. Јавниот обвинител мора да излезе веднаш, па и со судска одлука треба да се забранат вакви здруженија, поготово како ова во Охрид со име „Цар Борис III“, кој има директна командна одговорност за тоа што се случи со евреите во Македонија. Во овие 30 години ние не успеавме да изградиме позитивен модел за заштита на човекови права. Самиот Цар Борис го негирал постоењето на Македонците, исто и Ванчо Михајлов. Во западните демократии реагира системот и со судска пресуда ги решава ваквите ситуации. Не треба да се чека на извршната власт, тоа се решава со судска пресуда. – истакнува Земон.

Тој смета дека е потребна судска одлука и во случаите на рехабилитација на жртвите од комунизмот, за да се разграничат јасно од соработниците на фашизмот.

Ова не е проблем кој сега се појави, проблемоит има своја генеза, свој историјат, јас го поврзувам со независноста на нашата земја кога ние на некој начин почнавме да се откажуваме од вредностите на антифашизмот, нешто со што граѓаните на оваа земја треба да се гордеат, бидејќи сме биле дел од антифашистичката коалиција. Направивме некоја рехабилитација како таа за Петре Пирузе Мајски, значаен херој – антифашист, но тоа сметам е недоволно и како нација не сме се одолжиле кон него, јавноста треба повеќе да знае за неговите вредности. – смета Земон.

Според него, нема ништо спорно во барањето за вметнување на Бугарите во Уставот, бидејќи неговата Преамбула таква каква што е сега, е извор на проблеми и дискриминација.

Бугарите како заедница, без оглед на процесите сега, пасошите и слично, константно на секој попис во Македонија се околу 3000. Тие се вистински Бугари, а не како овие политички и натурализирани Бугари. Нашата преамбула, сакале да признаеме ние или не, генерира дискриминација кон оние кои не се во неа. Тука не се само Бугарите, туку и Египќаните, Хрватите, Црногорците, Евреите… Или ќе правиме граѓански Устав или сите треба да ги наброиме. Таа промена треба да се направи, но за жал се се’ исполитизира и може да ескалира доколку на време не се преземат соодветни мерки. – вели Земон.

Прашањето со промената на Уставот како услов за европски напредок на земјата, според професорот Земон, не е ништо во споредба со отворените прашања на соседите аспиранти за членство во ЕУ, посочувајќи го примерот со Србија.

Г.М.