Во изминатите неколку години, на повеќе локации низ Охрид беа отворени детски игралишта со различни забавни реквизити, наменети за најмладите. Но очигледно е дека дел од нив пропаѓаат, а играчките кои се со големи оштетувања повеќе се опасни, отколку што можат да послужат за забава и разонода на децата.

Родителите најчесто коментираат дека на Охрид му недостасуваат вакви детски катчиња, но и дека оние кои ги има во рекреативните зони, најчесто се уништуваат од несовесните поединци.

Игралиштето кај Холандскиот парк е нефункционално со години. Дел од играчките се искршени и претставуваат потенцијална опасност за децата. После врнежливи периоди, истите се полни со кал, а најмладите немаат можност каде да се рекреираат во природа. Едноставно, како на никој да не му е грижа за овие катчиња, кои се единствено место каде младите можат да се забавуваат во Охрид.“ – вели наша сограѓанка.

Недостаток од забавни паркови во централното подрачје

Многумина реагираат дека на Охрид му се неопходни забавни паркови во централното подрачје, со оглед на тоа што слични вакви катчиња има во неколку охридски населби.

Живеам во централното подрачје и морам да одам до населбата Христо Узунов и да ги понесам децата за да можат да се забавуваат. Очигледно дека ни фалат забавни реквизити некаде во центарот на градот. Постојат места кои можат да се искористат за ваква намена.“ – вели охриѓанка, мајка на две деца.

Родителите реагираат дека кејот не е безбеден?

Голем дел од родителите реагираат дека кејот „Маршал Тито“ треба да биде затворен за сообраќај, но и дека истиот е небезбеден, со оглед на тоа што со месеци на оваа локација демнат кабли под напон, кои претставуваат опасност за сите кои минуваат тука.

Кејот треба целосно да биде затворен за сообраќај и истиот да претставува една рекреативна зона. Мора да се реши и проблемот со каблите кои демнат на самиот кеј, па ние родителите не знаеме веќе од каде попрво доаѓа опасноста. Дали да внимаваме децата да не одат до езерото, дали до каблите или на улицата каде минуваат автомобили.“ – велат револтирано охриѓани.

Лизгалиштето на мраз – вистинска атракција во зимскиот период

Охриѓани позитивно реагираа на лизгалиштето на мраз, кое во изминатиот месец и половина функционираше на градскиот плоштад. Многумина потенцираат дека истото претставувало вистинска атракција не само за најмладите охриѓанчина, туку и за повозрасните кои ги направија првите чекори на лизгалиштето. Исто така, овој забавен реквизит беше инспирација плус за момче кое ја запроси својата девојка на оваа локација.

Локалната најавува терени за „баскет“ и зелени катчиња

Како што информираат од локалната самоуправа, во текот на 2014 година планирано е да бидат изградени 30 терени опремени за кошарка, како и дополнителнии 30 хортикултурно уредени паркови кои треба да служат за одмор и релаксација.

Локалната самоуправа на територијата на општина Охрид планира во текот на 2014 година да изгради 30  терени опремени за баскет,а на дел од нив ќе бидат поставени детски реквизити. Просторите ќе бидат оградени и осветлени. Покрај тоа, се планира и изградба на 30 други парковски локации,  хортикултурно оплеменети кои ќе служат за релаксација и одмор. Локациите на овие паркови и терени се одредуваат во договор со урбаните заедници,  месните заедници и стручните служби во општина Охрид. Во моментов таков простор се гради во непосредна близина на чинарот кај Горна Влашка маала.“ – информираат од локалната самоуправа.

O.T.