Веќе подолг временски период, охриѓани реагираат на полураспаднатите индивидуални куќи, кои можат да се забалежат во повеќе делови на градот. Почнувајќи од старото охридско јадро кај Античкиот театар, преку старата чаршија па се долж улицата „Гоце Делчев“.

Иако многумина не сакаат јавно да проговорат за овој проблем кој долги години се провлекува низ Охрид, сепак дел од туристичките работници апелираат за грдата глетка во очите на туристите, но и за опасностите кои демнат од овие „руинирани“ објекти.

„Грдо и опасно! Туристите се чудат зошто полуразрушените куќи не ги поправаме или целосно урнеме самите ние (доколку не можат да се поправат), а ние чекаме куќите самите од себе да паднат за да не мораме да се мачиме. Чудењето трае, а насекаде околу нас стојат опасни и грди објекти. Можеби „треба“ некој да настрада под некој од овие грди објекти, па тогаш ќе се надмудруваме какви мерки да преземаме за решавање на овој проблем?!“ – реагираат охриѓани.

Руиниран објект на улицата „Гоце Делчев“

Охриѓани реагираат дека повеќе вакви индивидуални куќи можат да се забележат по улицата „Гоце Делчев“, кои не само што ја нагрдуваат сликата за градот, туку и претставуваат константна опасност за минувачите.

Кровните конструкции од овие куќи можат да се урнат во секој момент и да предизвикаат опасност и несреќа. Објектите се премногу стари и не им треба многу за да ги снема. Градени се од кал и греди, а веќе долго време останати се така. Веќе години, никој ништо не презел за да се искорени оваа грда слика. Како туристичко место, една ваква појава треба да се искорени во целост, без разлика кој е надлежен за овој проблем.“  – велат наши сограѓани.

Во близина на црквата мал „Св. Климент

Со сличен став се и жителите од старото охридско јадро, кои реагираат на ваквите објекти во близина на Античкиот театар и црквата мал „Св. Климент“.

„Нека се преземе нешто од страна на службите, бидејќи невкусно е она што им го сервираме на туристите. Доаѓаат тука, гледаат и се чудат, зошто никој не изреагирал за овие рушевини.“ – велат жители од старото охридско јадро.

Непосредно до Антички театар

Од локалната самоуправа велат дека во овие случаи, општинскиот испекторат излегува на терен и доколку утврди дека градбите се потенцијална опасност за граѓаните, на сопствениците им се доставуава решение за уривање или санирање на куќата.

Доколку во утврдениот рок тоа не го направат сопствениците, општинскиот инспекторат пристапува кон нивно рушење кое е на трошок на сопствениците. Од посочените случаи, решение за рушење или санација има за една од наведените куќи, а по однос на другите две се бара решение бидејќи во нив има постојани жители.“ – велат од локалната самоуправа.

O.T.