Веќе подолг временски период, охриѓани преку медиумите бараат да се изнајде соодветно решение за распаднатите индивидуални куќи кои можат да се забележат на повеќе локации во Охрид. Почнувајќи од стариот дел на градот, охридската чаршија, па се долж улицата „Гоце Делчев“.

Со допис до OhridNews, жители од старото охридско јадро се жалат дека руниран објект на улицата „Климентов Универзитет“, претставува константна опасност за минувачите кои секојдневно поминуваат оттука.

Објектот започна сам од себе да се руши. Премногу е стар и не му треба многу за да предизивика несреќа. Кровната конструкција е веќе надвисната на улицата, штиците се искршени, а каблите испреплетени. Со некое посилно невреме, истиот ќе го снема. Дали треба да чекаме да се случи нешто, за некој да почне да реагира.“ – велат жители од улицата „Климентов Универзитет“.

Многумина не сакаат јавно да проговорат за овој проблем, кој со години се провлекува низ Охрид. Дел од туристичките работници предупредуваат дека оваа грда слика ја гледаат и гостите кои во летниот период престојуваат на ривиерата, што секако, не е добра реклама за едно туристичко место.

Премногу грда слика која со подзинати усти ги остава туристите во Охрид. Неретко прашуваат, дали овие рушевини се заштитени со закон, имаат некакво значење или се дел од историјата на градот. Чекаме сами да паднат, за да не мора да се мачиме. Премногу опасно и смело.“ – реагираат туристичките работници.

Вакви рунирани објекти се „трн во очите“ и на оние кои поминуваат долж улицата „Гоце Делчев“. Неретко, овие распаднати куќи со тек на времето постануваат мини-депонии.

Години  наназад оваа рушевина стои покрај патот, а никој досега ништо не презел. Не само што е грдо покрај патот, туку и опасно за пешаците. Секојдневно се трупа со отпад, а сето тоа го гледаме ние како жители на овој град, но и оние кои не посетуваат. Ова е невидена срамота.“ – реагираат охриѓани.

Во месец март од локалната информираа дека во вакви случаи, општинскиот испекторат излегува на терен и доколку утврди дека градбите се потенцијална опасност за граѓаните, на сопствениците им се доставуава решение за уривање или санирање на куќата.

Инаку, до затворањето на статијата, став од надлежните за проблемот со руинираните објекти во Охрид, не успеавме да добиеме.

O.T.