Руското Министерство за одбрана соопшти дека Украина има рок до утре во раните утрински часови да даде одговор за предавање на Мариупол, објавија западните медиуми, повикувајќи се на руската агенција РИА Новости.

Од 10 до 12 часот по локално време, руската страна предлага да се организира излез на украинските војници и странските платеници без оружје, во тој случај им е гарантирано спасување на животите, а потоа да се отворат хуманитарни коридори за евакуација на цивилите.

Повикани се и претставници на ОН, ОБСЕ и Црвениот крст да ја набљудуваат хуманитарната операција на терен.

Руското Министерство за одбрана го повика Киев „да биде разумен и да ги поништи претходно дадените упатства кои ги обврзаа милитантите во Мариупол да се жртвуваат“.

Москва инсистира писмениот одговор на Киев на овие предлози да се добие пред пет часот изутрина часот по локално време.

Зеленски: Блокадата на Мариупол ќе влезе во историјата како воено злосторство

Претходно украинскиот претседател Володимир Зеленски во видео снимка изјави дека „блокадата на Мариупол ќе влезе во историјата како воено злосторство“.

– Она што окупаторите му го направија на мирниот град е терор што ќе се памети со векови, истакна Зеленски.

– Како што повеќе Украинци ќе зборуваат за тоа пред светот, така ќе добиваме посилна поддршка, додаде украинскиот претседател, заклучувајќи дека „последиците ќе бидат многу потешки ако Русија продолжи да ја тероризира Украина“.

Според голем број експерти, Мариупол е стратешки многу важен град за Русија, бидејќи со неговото освојување би ја поврзала претходно освоената територија.

OhridNews