Во рамки на фестивалот “ Охридско лето” , за сите љубители на оперската музика, ќе се одржи гала оперски концерт со настап на 8 тенори од Русија кои заради огромната успешност во своето делување го стекнале називот „Тенори на 21-виот век“.


Уметничкиот проект „Тенори на 21-виот век“ е еден од најпопуларните руски музички спектакли кој за време на тригодишното постоење се здобива со светска слава, а тенорите остваруваат настапи со светски реномирани руски оркестри како Московскиот симфониски оркестар „Руска филхармонија“, оркестарот „21-ви век“ на Павел Овсиаников и многу други. Покрај редовните настапи на сцените на московските театри, тенорите настапуваат на најпрестижните светски оперски сцени како Милано, Болоња, Лондон, Њујорк, Токио и многу други.

Овој уметнички проект нуди исклучителна можност да се видат 8 тенори заедно на сцена, а истовремено да се ужива во поединечните уметнички вештини и уникатните вокални способности на секој од нив.

Концертот ќе се одржи на 4 август на сцената на Античкиот театар. Тенорите ќе ги придружува оркестарот на Македонската опера и балет под диригентската палка на Сергеј Смбатјан.

OhridNews