Со пригодна свеченост С. Македонија денеска одбележува една година од полноправното членството на земјата во НАТО, како 30-та земја сојузник.

Ако со еден збор треба да го опишам денешниот настан со кој го славиме членството на Северна Македонија во НАТО – тогаш тој збор е успеавме. Успеавме затоа што членството во НАТО е најголемиот придонес за нашата безбедност и стабилност. Тоа е најсилната гаранција за заштита на територијалниот интегритет и на суверенитетот на Република Северна Македонија, истакна премиерот Зоран Заев во обраќањето на свеченоста.

Тој додаде дека пред една година остваривме една од најважните стратешки цели за државата зацртана во темелите на нашата независност и усвоена со едногласна одлука на Собранието уште во 1993 година.

Денес членството во НАТО, потенцира Заев, е израз на нашата натпартиска, широка, мнозинска, национална, мултиетничка и државничка одлука за тоа дека патот напред е патот на демократијата, сигурноста и безбедноста.

Седиме на маса заедно со најголемите и најразвиените земји во светот. Ние сме еднаков дел од ова големо семејство на развиени демократии. Заедно со нив го даваме нашиот придонес кон светскиот мир и безбедност. Активно учествуваме во мисиите на НАТО, од кои дел се насочени кон зачувување на мирот и стабилноста, а дел кон развој на локалните капацитети и институции за одржување на мир, безбедност и стабилен демократски развој, рече премиерот.

Од минатата година учествуваме во мисијата КФОР на Косово, а од оваа година С. Македонија ќе го зголеми  учеството во НАТО мисиите, најави премиерот Заев.

OhridNews