Со почетокот на новата учебна година, со работа во Охрид почна и „Синапса плус“ – Дефектолошки центар наменет за развојна стимулација кај лица со атипичен и типичен развој.
Основан е од Александра Шуминоска, дипломиран специјален едукатор и рехабилитатор (дефектолог) по струка. Таа ги води дефектолошките проценки, консултациите и третманите, во што и помага нејзиниот сопруг, Стефан Иваноски, исто така дефектолог по струка, кој несебично се вклучува во активностите на центарот и секој момент од неговото слободно време се труди да биде присутен како на третманите на децата, така и општо на корисниците на услугите.
Во „Синапса плус“ пред се правиме дефектолошка проценка на развојот, врз основа на што изготвуваме индивидуален план за работа според личните потреби кој го реализираме во текот на индивидуалните третмани. Достапни сме за консултации и советување во нашиот центар, но и онлајн како за заинтересирани од нашата земја, така и за оние кои се во странство, вели дефектологот Александра Шуминоска.
Дефектолошкиот центар „Синапса плус“, овозможува рана интервенција и комплетна развојна стимулација во сите области на развојот.
Од особена важност е и развојот на животните вештини на што обрнуваме посебно внимание. Исто така, се стремиме кон достигнување образовни цели особено со лицата со специфични тешкотии во учењето преку развивање креативно размислување и соодветни стратегии, додава Шуминоска.
Покрај класични дефектолошки третмани, во „Синапса плус“ се организираат и тематски индивидуални но и групни работилници во кои можат да се вклучат сите заинтересирани без никаква категоризација, посочуваат од центарот.
Се стремиме покрај третмани кои се спроведуваат во комплетно прилагодена средина, одредени активности да се одржуваат во дворот на центарот, со цел децата да имаат контакт со стимулации кои доаѓаат директно од надворешната средина, истакнува дефектологот Стефан Иваноски.
Центарот работи со лица со атипичен и типичен развој без старосна граница, односно е достапен за сите, потенцираат од „Синапса плус“.
Неопходно е да се подигне свесноста за дефектолозите. Дефектологот не мора конкретно да се поврзува само со лица со специфични потреби, туку може да биде поддршка на лица со типичен развој во оние области од развојот каде истата им е најпотребна. Целта на нашиот центар е да бидеме добар пример за инклузивност и да покажеме дека атипичните и типичните лица можат многу продуктивно да функционираат заедно и дека можеме да научиме многу едни од други, додава дефектологот Шуминоска.
Охрид доби дефектолошки центар за развојна стимулација кај лица со атипичен и типичен развој „Синапса плус“ 078 373 289 I [email protected]
За подетални информации заинтересираните може да се обратат директно во центарот кој е лоциран наспроти влезот на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, на телефонскиот број, мејл или официјалниот профил на социјалните мрежи.
Г.М.
Фото: А. Момироска