Центар за култура „Григор Прличев“

Од 14.05.2022 - 20:00 до 14.05.2022 - 22:00

Саботна „експлозија“ најавува тимот кој работи на претставата „Енергични луѓе“ која Охридскиот народен театар премиерно ќе ја изведе претстојниов викенд во Центарот за култура „Григор Прличев“ – Охрид.

Режисерот Александар Ивановски вели дека ова е негова прва претстава во Охридскиот театар, а на големо задоволство после неколку години разговори и договори околу тоа што би можело да се постави овде, дошле до текстот „Енергични луѓе“ од рускиот автор Василиј Шукшин. Верувам дека одлично ќе се вклопи со потенцијалите и богатството на охридскиот актерски ансамбл пред и се, вели тој.

Претставата и во однос на нашата работа и комуникацијата со публиката ќе биде една навистина голема театарска авантура, еден излет на непознат терен. Ликовите имаат една трескавична енергија, којашто ја разнесуваат скоро два часа по сцената, меѓу нив и кон публиката. Театарски ураган на којшто би ја повикал публиката да им даде простор да ги однесе заедно со себе. Мислам дека овие шест актери ја понесуваат публиката во едни простори, каде многу работи, пресврти и изненадувања се можни и мислам дека тоа е големо богатство на охридскиот театар, што има една таква подлога и моќ, да понесе многу нешта многу високо. Оваа претстава ќе биде дока за тоа како постои, се користи, расне и развива овој потенцијал, вели Ивановски.

Потенцира дека тоа што текстот „Енергични луѓе“ го носи како една иронија и цинизам, начин на гледање на реалноста, малку изместено од руските 70-ти години најде извонредно плодна почва за актерски, режисерски, театарски дијалог и се надева дека оваа комуникација ќе продолжи и во односот со охридската публика.

Директорот на Центарот за култура „Григор Прличев“, Горан Симоноски, истакна дека ова е прв од трите проекти добиени од Министерство за култура што ќе се реализираат годинава.

Актерската екипа е целокупно од охридскиот Народен театар. Премиерата на претставата е во сабота на 14 мај, додека редоследно претставата ќе се игра секој петок, вели Симоноски.

Акетрот Стрезо Стаматовски вели дека имале еден процес каде што практично улогите се доближувале до актерите, а не обратно.

И така добро се склопија кастинзите и излезе една одлична хиперенергична претстава, којашто мислам дека ќе биде гледлива и долговечна на охридскиот репертоар. И тоа за нас како екипа особено во овие моменти после еден подолг период на стагнација, мислам дека ќе биде доста позитивно и се надевам дека ќе продолжиме со истото темпо понатаму. Јас го играм ликот на „Дебелиот“, кој е лик кој го има вториот по големина стомак во претставата, додава Стаматовски.

Биљана Билаловиќ Вељаноска во претставата е во улога на главниот женски лик Вера Сергеевна.

Во животот на овие енергични луѓе во претставата преовладува едно секојдневие коешто се прекинува нагло заради тоа што мојот лик Вера наоѓа некое писменце од непозната жена во џебот на својот сопруг, па решава да го даде на јавен обвинител. Засегнати сите од овој проблем се случуваат низа на интересни настани во претставата и сите ликови пробуваат еден по еден да го разубедат мојот лик со аргументи да не го прави тоа. Но, сепак тоа нивно разубедување завршува без … Вистината не е секогаш најдобрата опција, вели Билаловиќ Вељаноска.

Никола Тодороски за својата улога на нему својствен начин одглумувајќи дел го цитираше својот лик во претставата, односно ликот на Аристарх за кој ќе рече дека е генијален пијаница.

Горан Стојаноски, на пресот објаснувањето за својата улога го започна со молчење за кое рече дека е не е случајно, бидејќи имаат секогаш проблем кога работат во театарот глумците да се стават во втора категорија, додавајќи дека секогаш е поважна сценографијата или костимот или идеите на режисерот.

Овде имаше еден друг момент којшто е за поздрав, бидејќи се работеше тимски и ниедна идеја не беше потценета. Сето тоа што се делегираше како идеја успеваме да го склопиме во една целина. Што би рекле драмата е комедија. Се работи за една динамична претстава која се надевам ќе остане подолго на репертоарот и луѓето ќе дојдат да се насмеат и да добијат една квалитетна порака за одредени општествени моменти кои се на некој начин многу важни, потенцираше Стојаноски.

Актерот Павел Маслов истакна дека станува збор за интересен продуктот, многу интерес, провокативен и квалитетет текст, руска сатира која сама по себе дозволува да се отворат некои поинтересни општествени, политички прашања во различен контекст, во целава ситуација станува прашање на слични, но многу различни карактери.

Една група но секој од нив има посебна карактеристика и намера во целата приказна. Конкретно мојот лик е малку по издвоен од целината кој секогаш се става себеси на прво место, сето тоа играјќи го на спротивната страна дека секогаш се бори за заедничката кауза, додава Маслов.

Адријана Билаловиќ Тодороска ја изрази благодарноста до режисерот поради пријатната атмосфера, слободата и трпението.

Имавме интензивен, но многу забавен процес и таа слобода, игривост и забава што ја пронаоѓаме ние актерите додека ја играме претставата се рефлектира и мислам дека публиката, исто така, многу ќе се забавува. Предвидувам дека претставата долго ќе живее и морам да напоменам дека имаме многу добра сценографија и костимографија, додаде Билаловиќ Тодороска.

Невенка Тасева Петровиќ во својство на костимограф истакна дека прекрасно било искуството да се соработува со актерската екипа, дотолку попријатно што максимално професионално влегле во нејзиниот дел и никогаш немала замерка и дилема дали до крај ќе го сработи концептот за замисленото парче или костим.

Се трудев максимално да ја дополнам убедливоста на ликовите и мислам дека во тоа успеавме сите заедно. Навраќањето во 70-тите се чувствува и ќе биде забавно за публиката додава Тасева Петровиќ.

Филип Коруновски во улога на сценограф и графички дизајнер рече дека е задоволен од работата со целата екипа на претставата кои дале свој придонес претставата да има прекрасна сценографија.

Премиерата на претствата е во сабота на 14 мај, со почеток во 20:00 часот во Народен театар Охрид.

Н.С.Ј.