САД оваа недела ќе објават купување напреден одбранбен систем земја-воздух со среден до голем дострел за Украина, изјави за западни медиуми извор запознаен со тоа прашање.

Како што наведе тој, се очекува Вашингтон да објави и друга безбедносна помош за Украина, вклучително и дополнителна артилериска муниција и радари за да се задоволат потребите на украинската армија.

Тоа оружје е најновата помош што САД и ја понудија на Украина, од почетокот на конфликтот во таа земја. Овој месец, претседателот Џозеф Бајден се согласи да обезбеди воена помош од 700 милиони долари за Украина, вклучително и напредни ракетни системи кои можат прецизно да погодат цели со голем дострел.