Чудно и (не)очекувано нашиот северен сосед одработи уште една политичка агенда за земјата која финансиски ја заглави половина Европа и благодарение на интересите на големите политички играчи се спаси од банкрот. Србија уште еднаш отворено го погази македонското достоинство и наместо уставното име под кое тамошната официјална држава ја има признаено нашата земја, во официјалниот пренос од „пријателскиот“ натпревар, последен пред почетокот на ЕП во ракомет, на националната телевизија не претстави како БЈРМ.
Да, таа иста Србија за која сеуште половина нација паѓа во транс при спортските настапи на нејзините репрезентации , клубови и спортисти, „неочекувано“ го сврте грбот на најблискиот сосед и се одлучи да и се додвори на поранешната отоманска провинција, јужно од поранешната југословенка република. Ако сакате историски да се надмудруваме може уште поархаично да се изразуваме ама тогаш поимите како „Београдски пашалук“ веројатно на многумина нема да им звучат пријатно, и покрај актуелноста.
Да не е трагично веројатно би било многу смешно, но за жал не е. Штета што пред толку значаен спортски настан наместо пријателска атмосфера духовите на минатото создаваат непријатен амбиент. Во вода паѓа целото лицемерие и наводното „гостопримство“ кога „ничем изазвани“ северните соседи и покажуваат заби на „братската нација“.
Ама ако, нема од што да се плашиме, затоа што не сме поранешни, туку реалност, а верувам овој изолиран инцидент ќе им влее дополнителна доза инает на нашите ракометари да направат уште еден херојски подвиг како нивните кошаркарски колеги и ќе ги остават без зборови сите зли јазици.