Охридските основни училишта и објектите при градинката „Јасна Ристеска“ ќе се приклучат кон еко- акцијата „Садница плус“ која е предвидено да се реализира во среда.

Освен во охридските училишта и градинки, акцијата ќе се спроведе и во останатите низ земјата.  Според најавата, децата ќе посеат  семки  за дрвца во саксии, ќе се грижат за нив и никнатите догодина ќе ги пресадат во дворовите и околината на училиштето или градинката. Акцијата  ја  организира  Здружението  „Ден  на  дрвото – засади ја својата иднина“, а поддржана  е од министерствата за образование и наука и за труд и социјална политика,  Заедницата  на  единиците  на  локална  самоуправа  (ЗЕЛС)  и ЈП Македонски шуми.


Акцијата ќе се реализира во рамки на наставната програма, што значи дека во среда настава во училиштата ќе има, со тоа што на еден од часовите ќе се изврши садењето на семките за дрвца во саксии, потенцираат од министерството за образование и наука.

Од детската градинка „Јасна Ристеска“ велат дека дечињата со голема радост ќе се приклучат кон еко- акцијата. Како што потенцира директорката Марина Петреска- Тодороска, подигањето на еколошката свест кај најмладите веќе е дел од годишната програма за работа во градинките.

Освен што ќе учествуваме и ќе ја поддржиме оваа акција, кон крајот на месец април предвидено е во текот на три дена да се садат цвеќиња во саксии во сите објекти од градинката, во што ќе земат учество најмладите, но и нивните родители и воспитувачки. По тоа, ќе следи и уредување на дворните површини, вели Тодороска.

За реализација на еко- акцијата Садница плус ЈП  Македонски  шуми  има обезбедено 600.000 семки за јасен. Семенскиот  материјал  им  се  доставува  на  општините,  а  преку  нив  до училиштата и градинките.  За пролетната акција претпријатието му отстапи на ЗЕЛС  и  720.000  садници  бел  бор, кои се распоредени во општините според бројот на жители.

Акцијата ќе има и едукативен  карактер. Доставен е и повик за ликовна и литературна творба за сите учесници во акцијата, а најдобрите ќе добијат и признанија од министерството за образование и наука.

OhridNews