Центарот на кошаркарската репрезентација, Предраг Самарџиски, на најдобар можен начин ја опиша играта на Хуан Карлос Наваро на средбата со Македонија. Тој постигна 35 поени, дури 19 во третата четвртина, и беше клучен играч на европскиот првак во триумфот од 92-80 над македонскиот национален тим.
„Наваро да шутнеше и со нога, и така ќе погодеше. Одигра неверојатно, погодуваше од сите позиции и практично беше незадржлив. Париравме додека можевме, а на крајот премногу се отворивме, се впуштивме во трка со Шпанците, а тоа е нивната игра“, изјави Предраг Самарџиски.
Но, нема место за разочарување во нашата селекција, затоа што Македонија в недела во 16,30 часот ќе игра во малото финале на Евробаскет 2011, за бронзениот медал на шампионатот.
„Ќе се одмориме и ќе се подготвиме за следниот натпревар. Ќе играме за третото место на Европското првенство и ќе се сториме за да ги израдуваме македонските фанови“, најави високиот центар.
Ohridnews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com