Во Заедничката изјава се бара напредокот кон ЕУ да се оценува според реформите и утврдените критериуми. Вршителот на должноста претседател на Србија, Александар Чупиќ, се согласил со принципите на документот, но истиот не може да го потпише бидејќи институцијата претседател легитимитетот го црпи од избори.
Поддршка за полноправно и навремено членство на сите земји од Западен Балкан во Европската Унија, предвидлив процес на пристапување и поголемо учество на младите во регионалната соработка се главните пораки од самитот на Процесот Брдо-Бриони, што денеска се одржа во Охрид.
Во Заедничката изјава се наведува дека членството на целиот регион би придонело за неговата безбедност, стабилност и економски развој. Проширувањето, според документот, е во интерес и на самата Унија и сè повеќе се смета за геополитичка неопходност.
Напредокот кон ЕУ да се оценува според резултатите од реформите
Во документот се бара процесот на пристапување повторно да биде објективен, предвидлив и заснован на заслуги. Напредокот треба да се оценува според утврдените критериуми и резултатите на секоја земја кандидатка во спроведувањето на реформите.
Одлуките за натамошните чекори кон пристапувањето треба да се водат исклучиво од овие принципи и од Копенхашките критериуми, се наведува во Заедничката изјава.

Изјавата повикува на целосно искористување на средствата од Планот за раст на ЕУ и на побрзи инвестиции во одржлив транспорт, енергетска и дигитална инфраструктура. Земјите од Западен Балкан, се наведува во документот, треба да се третираат како составен дел од европските инфраструктурни мрежи и економската интеграција.

Во делот за младите и одливот на мозоци, Заедничката изјава ја поддржува соработката меѓу агенциите за вработување и повикува да се разгледаат начини младите поактивно да се вклучат во Процесот Брдо-Бриони, а прашањата што ги засегаат да добијат поголемо место на неговата агенда.
Сиљановска-Давкова предложи младите директно да се вклучат во Процесот Брдо-Бриони и да учествуваат во решавањето на проблемите што ги засегаат. Рече дека предлогот наишол на разбирање кај учесниците.
Пирц Мусар предложи следната година да се одржи посебен состанок на директорите на јавните служби за вработување од земјите учеснички. Нивната задача би била да подготват заеднички план со конкретни мерки за подобри можности за вработување на младите и намалување на одливот на мозоци.

На заедничката прес-конференција со словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, Сиљановска-Давкова оцени дека меѓу учесниците има согласност за принципите и вредностите поврзани со проширувањето. Таа го издвои присуството на Чупиќ во Охрид како показател за важноста на регионалниот дијалог. Рече дека очекува по формирањето на државните органи во Србија да продолжат меѓудржавните контакти, со акцент на односите меѓу граѓаните и на заедничките интереси.
Сиљановска-Давкова го поздрави напредокот на Црна Гора и Албанија кон ЕУ, оценувајќи дека тоа е исчекор за целиот регион. За Македонија, како сериозна пречка ги посочи билатералните прашања што, според неа, немаат врска со Копенхашките критериуми.
Регионалниот напредок е многу важен не само за регионот, туку и за самата Европска Унија. Низ македонска призма или од македонски агол, да, ние имаме сериозен проблем со билатералните прашања и тоа со билатерални прашања што не се поврзани со Копенхашките критериуми, коишто, значи, се однесуваат на нешта што не значат европеизација, туку напротив, не се во согласност со принципите и вредностите утврдени во европските конститутивни акти, истакна Претседателката.
На новинарско прашање за развојот на македонско-српските односи по парламентарните избори и промената на власта во Србија, претседателката рече дека очекува тие дополнително да се подобрат.
Традиционално, српско-македонските односи се добри. Очекувам уште подобри да станат. Мислам дека нема нерешени проблеми меѓу нас, рече Сиљановска-Давкова.

Одговарајќи на прашање на Македонската телевизија за спорот со Бугарија, Пирц Мусар рече дека би сакала билатералните прашања да немаат влијание врз пристапувањето, но дека засега не гледа можност тоа да се промени. Таа го посочи квалификуваното мнозинство како начин да се спречи една членка сама да го блокира процесот. Според неа, Словенија е меѓу 15-те членки што го поддржуваат тој пристап.
Северна Македонија е предолго во чекалницата. Го реши проблемот со Грција, а на маса дојде нов проблем. Се надевам дека на тоа навистина еднаш ќе му дојде крајот, рече Пирц Мусар.

Уверена сум дека силна Европа нема без проширена Европска Унија. Проширувањето на ЕУ, за жал, сè уште е пребавно. Од државите кандидатки оправдано очекуваме реформи, почитување на владеењето на правото и европските вредности. Но, и Европската Унија мора да го исполни својот дел од одговорноста. На државите што ги исполнуваат условите мораме да им овозможиме вистински напредок. Притоа навистина се надевам дека овој пат ќе преовлада разумот и дека можноста за проширување ќе биде остварена и спроведена, и дека нема да дојде до пречки ниту на страната на кандидатките, ниту пак на страната на членките на Европската Унија, истакна Пирц Мусар.

Милановиќ ги издвои почитта меѓу соговорниците и разумниот разговор за прашањата околу кои има разлики. Рече дека сака сите земји учеснички да ги види во Европската Унија која, како што посочи, во моментов минува низ тешко време и нема одговор на предизвиците што се пред неа.
Не само што ги нема, туку мислам дека решенијата што се нудат се лоши. Европската Унија во која би сакал да ја видам Хрватска не е никаков претенциозен геополитички сојуз, бидејќи тоа не може да биде, за тоа нема потенцијал, ниту некаков воен сојуз. Тоа е трговска, царинска и просторна унија со правни ограничувања, која може сјајно да функционира, како што видовме низ овие години кои беа за нас, но за жал не и во последните години. Европската Унија не може спонтано и без надзор да се претвора во едно нефункционално царство, доминација на некои. Во тоа Хрватска, што се однесува до мене, нема да учествува и нема да се согласи со тоа. Но исто така, не сум сигурен дека мојот став е став што го делат сите во Хрватска, но јас го имам, рече Милановиќ.

Ова го гледам како почеток на едно подобро време, рече Милановиќ.
Хрватскиот претседател го отфрли и обвинувањето дека Хрватска ја уценува Црна Гора со прашањето за границата кај Превлака. Потврди дека за тоа разговарал со црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ и рече дека прашањето е сложено и бара сериозен дијалог.
Процесот Брдо-Бриони е регионална иницијатива на Словенија и Хрватска за поддршка на европската интеграција на Западен Балкан, зајакнување на регионалната соработка и решавање на отворените прашања. Средбите на ниво на шефови на држави се одржуваат од 2013 година. На годинашниот самит во Охрид домаќинка беше Сиљановска-Давкова, а коорганизатори беа Пирц Мусар и Милановиќ.
Горан Момироски | Наташа Смоковска Јованова
Фото: Анамарија Момироска | OhridNews;
фото. А. Момироска













