Охрид ја понесе првата награда за најдобра иновативна идеја на млади на Националниот ЛАПСИ форум 2026 „Од младински идеи до локални решенија“, на Охрид Институт и Амбасадата на Франција.

Победничката идеја „Мој Охрид“, креирана од средношколците при ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“, нуди дигитална платформа преку која граѓаните и посетителите можат да пријавуваат проблеми во јавниот простор со фотографија и точна локација, како и да го следат нивното решавање. Ова решение директно ги поврзува граѓаните со институциите и ја гради довербата преку транспарентност и заедничка грижа за градот.

Кога вистински ќе се слушне гласот на младите и ќе им се даде конкретна поддршка, нивните идеи стануваат реални решенија за подобро секојдневие. Нашата улога како Локална самоуправа е овие иницијативи да добијат реална поддршка за нивна реализација, вели претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски кој заедно со советничката Билјана Коталески, и Стефан Здравевски од Секторот за туризам и локален економски развој, застанале зад охридските средношколци давајќи им силна институционална поддршка за нивните визии, како за победничката платформа, така и за проектите „Охрид на големо платно“ од ОСУ „Свети Климент Охридски“ и „Еко Охрид“.

На форумот, на кој присуствуваше и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, беа претставени вкупно 27 иновативни младински идеи како финалисти од осум општини од Македонија.

Младите од Охрид уште еднаш докажаа дека имаат визија и потенцијал да бидат двигатели на промените, а локалната самоуправа останува нивен сигурен партнер на патот од идеја до реализација, потенцира Божиновски.

OhridNews