Поддршка за евроинтегративниот процес, јасна заложба дека местото на државава и на останатите земји од Западен Балкан е во Европската Унија, но и можност за придвижување на процесот за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија очекува македонскиот државен врв од денешниот Самитот ЕУ-Западен Балкан, што се одржува во Брдо кај Крањ.
Делегацијата на Северна Македонија на Самитот ја предводи премиерот Зоран Заев, а во неа ќе бидат и вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи, јави известувачот на МИА од Брдо кај Крањ.
Заев вчера изјави дека Самитот во Брдо не е самит на којшто се одлучува, од кој може да се очекува прва меѓувладина конференција, отворање поглавје, туку очекувањата се однесуваат на чисти јасни пораки од ЕУ за интеграцијата на Западен Балкан во Унијата.Премиерот истакна дека очекува чисти пораки кон Северна Македонија и целиот Западен Балкан дека Европа останува целсоно фокусирана кон интеграциите на Западен Балкан со сите детали внатре.
Претседателот на државата Стево Пендаровски, вчера од Атина, по средбата со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, истакна оти ја очекува поддршката на Грција на Самитот ЕУ- Западен Балкан.
Го замолив како влијателен член и на Европската народна партија, последниве години и како премиер на една земја членка која би морала да го знае целиот назив на Преспанскиот договор, тој не е само за решавање на разликите во името, туку и за воспоставување стратешко партнерство на Северна Македонија и Хеленската Република, дека во тој дел очекуваме негова поддршка и помош со оние претставници од земјите членки коишто се се уште скептични во прв ред со Бугарија, а се разбира и со другите кои евентуално би имале негативна забелешка за втората држава која неформално е третирана со нас во пакет, Република Албанија, објасни претседателот.
Шефот на државата рече дека не побарал некои гаранции или некакво ветување, бидејќи тоа не зависи од Мицотакис, но добил јасна заложба и јасна изјава од негова страна.
Со очекување за поддршка вчера излезе и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој беше во Љубљана на самит на Европската народна партија. Тој изрази загриженост, како што рече, поради информацијата која што ја добил.
На инсистирање на една земја-членка на ЕУ да се фиксира прецизна дата која што би била краен рок за интегрирање на земјите кои што се дел од Западниот Балкан, две земји членки за жал не прифатиле да биде тоа дел од заклучоците на утрешниот Самит на шефови и Влади на ЕУ посветен на Западен Балкан. И со тоа практично се доведува во знак прашање јасната и недвосмислена европска перспектива на земјите од Западен Балкан, истакна вчера Мицкоски.
Премиерот Заев, пак, денеска на маргините на Самитот ќе има средби со бугарскиот претседател Румен Радев, словенечкиот премиер Јанез Јанша, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, германската канцеларка во заминување Ангела Меркел и претседателот на Франција Емануел Макрон. Од Влада информираа дека Заев ќе има заедничка работна средба со Макрон, Меркел и Радев. Заедничка средба на Заев и Радев е предвидена и со Јанша и Вархеји. Заев посебна билатерлна средба ќе има со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел. На маргините на Самитот премиерот Заев ќе има билатерални средби и со премиерката на Естонија, Каја Калас и премиерот на Ирска, Мајкл Мартин.
Средбите се можност за придвижување на процесот на решавање на спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија и изнаоѓање на конструктивно решение, кое ќе овозможи кревање на бугарското вето и одржување на првата меѓувладина конференција со земјава во декември.
Бугарскиот претседател Румен Радев деновиве во телефонски разговор со неговиот германски колега Франк-Валтер Штајнмаер истакна дека Бугарија во својот дијалог со Република Северна Македонија „ги брани не само националните интереси, туку пред се вредностите на Европската Унија, што се темелат на демократија и почитување на човековите права“.
Бугарија очекува конкретни резултати во однос на почитувањето на човековите права кај нашиот југозападен сосед, што ќе ја забрза европската интеграција на Република Северна Македонија, нагласил Радев.
А потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова смета дека во моментов нема причина за промена на бугарската позиција кон Република Северна Македонија, и покрај сериозниот притисок врз кој Бугарија ќе биде подложена од нејзините европски партнери на самитот ЕУ-Западен Балкан.
















