Електро-машинскиот училишен центар „Св. Наум Охридски“, гимназијата „Св.Климент Охридски“, основното училиште „Христо Узунов“ и основното училиште „Григор Прличев“ се охридските училишта кои имаат изработено своја веб-страница. Ова го покажа нашето кратко он-лајн истражување, кое го направивме деновиве. (http://emucohrid.edu.mk/, http://www.gimnazijaohrid.com/, http://ouhristouzunov.edu.mk/ и http://gp.uist.edu.mk/)

Иако е време на современ технолошки и интернет развој, останатите седум охридски училишта, сеуште немаат изработено веб-апликации или истите не можат лесно да се најдат на интернет. На пример доколку се впише името на било кое од овие училишта на интернет пребарувачот Google, може да се најдат само информациите за училиштата, кои се објавени на општинската веб-страница.

Директорот на ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“, Јане Цаноски вели дека иако училиштата немаат законска обврска да се промовираат на интернет, сепак треба да ги следат современите технолошки трендови и да изготват свои веб-страници.

-Веб-страницата на нашето училиште постои веќе пет години и во изработката на истата беа вклучени дел од учениците, под менторство на професорите од информатичката струка. Целта на веб-страницата е да ги собере сите потребни информации за работата на училиштето на едно место, како и содржини кои ќе бидат корисни и за учениците и за родителите. Во текот на наредниот период очекувам да ја подобриме нашаат веб-страница и од аспект на дизајн и од аспект на содржина, вели Цаноски.

Од управата на охридската гимназија велат дека училишните веб-страници се современ начин за промоција училиштето.

-Нашето училиште има свој веб-страница веќе четири години, администратори на страницата се Жаклина Лазареска, професор по инфоматика и правникот на училиштето Бојан Петровски. Страницата е изработена со помош на учениците и засега сметам дека беспрекорно функционира. Освен основните информации за самото училиште, на веб-страницата секојдневно се поставуваат и нови информации за училишни настани, награди како и други информации. Често пати на веб-страницата се преземаат и написи кои за нашето училиште се објавени во медиумите, вели Вера Јовческа, директор на гимназијата „Свети Климент Охридски“.

Од основното училиште „Христо Узунов“ велат дека нивната веб-страница ја подготвиле со помош на спонзорство.

-Веб-страница е активна на интернет просторот од минатата година, а изработена е со спонзорство на стоматолошката ординација „Д-р Баткоски“. Таа е изработена по сите најсовремени стандарди за веб уредување и ги содржи сите потребни информации за училиштето, наставниот кадар, наставната програма и училишните проекти. Во наредниот период дел од наставниот кадар ќе биде обучен да ја администрира страницата, со цел истата почесто да се ажурира, вели Тони Симоноски, директор на ОУ „Христо Узунов“.

Информации за средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“ од Охрид во моментов може да се најдат на две блог-адреси на интернет, но од училиштето велат дека наскоро ќе ја стартуваат и својата официјална веб-страница.

-Веќе се работи на подготовка на официјална веб-страница на нашето училиште, до сега се работеше на прибирање на информации за училиштето, кои ќе бидат дел од страницата, односно се разработуваше нејзинот концепт. Очекувам во најскоро време веб-страницата да стане функционална и достапна на интернет, вели Весна Темјаноска, директор на ОУТУ „Ванчо Питошески“.

Нова училишна веб-страница изработуваат и во Основното училиште „Св.Климент Охридски“.

 

-Нашето училиште имаше своја активна веб-страница пред околу 4 месеци, но истата беше со застарен дизајн, така што се одлучивме да не ја користиме повеќе. Во моментов подготвуваме нова интернет страница, која ќе биде ставена во функција со почеток на новата учебна година, информираше Јордан Пуроски, директор на ОУ „Св. Климент Охридски“.

И директорот на ОУ „Братство-единство“, Муарем Доко не информираше дека и ова училиште во иднина ќе има официјална веб-страница.

-До сега нашето училиште немаше своја веб-страница, но сепак информациите за нашите активности се достапни на интернет, преку нашата официјална Facebook-страница, која редовно се ажурира. Доколку се тече според предвиденото, се надевам дека нашето училиште ќе може да ја промовира својата веб-страница со почетокот на новата учебна година, во септември, вели Доко.

Освен неколкуте училишта, современа интернет страница има и ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ од Охрид ( www.detskagradinka.org.mk ). На истата можат да се најдат сите корисни информации за функционирање на градинката, за програмите за работа и слични корисни информации за родителите.

Е.М