Само пет охридски плажи добија концесионери, на денешното електронско јавно наддавање, за давање под краткотраен закуп на плажите на Охридското Езеро. За останатите 10 плажи кои не се дадени под закуп, согласно Законот за градежно земјиште утре ќе биде распишан нов јавен повик со истите услови, во интерес на нивното навремено уредување пред почетокот на туристичката сезона.

Од Министертвото за транспорт и врски информираат дека на денешното електронско јавно наддавање биле дадени под концесија плажите „Куба Либре“, „Кадмо’’, ,,Бела Виста 2011“, „Канео – Извори“ и „Канео – Потпеш“
 
Најповолните понудувачи се должни уредувањето на плажите, согласно Урбанистичко техничка документација за уредување на капалишта да го завршат најдоцна до   01 јуни 2012  година. Најповолните понудувачи за закуп на плажите се должни истите да ги уредат  согласно насоките и упатствата што подразбира  поставување на сервисен пункт, тушови, санитарни јазли, лежалки и други реквизити и содржини за пријатен и забавен престој на туристите, како и попесочување на плажите, стои во писменото соопштение на Министерството за транспорт и врски.
 
Во него се нагласува дека согласно насоките и упатствата за уредување на плажите, закупецот е должен да овозможи слободен влез за посетителите т.е. да не се наплаќа надоместок за плажата, а при планирање на просторот, треба да се води сметка 40% – 60% од плажата да биде слободна за користење без оптоварување со лежалки и други реквизити.
 
-Со давањето под краткотраен закуп на плажите на Охридското  Езеро се овозможува нивно уредување согласно современите туристички стандарди и се создаваат сите предуслови за подобар престој на туристите. Оттука, очекуваме дополнително зголемување на бројот на туристи кои ќе летуваат во на нашите плажи, велат од Министерството.

OhridNews