Само петмина охриѓани покажаа интерес и ги изнесоа свои предлози во рамки на денешната Јавна расправа за Нацрт рaзвојните програми на општина Охрид за 2015 година. Најголемиот дел од барањата и прашањата кои беа упатени до надлежните општински служби се однесуваа на проблеми поврзани со инфраструктурата, но имаше и прашања од делот на образованието, спортот и социјалната заштита. Исто така дел од граѓаните побараа од општината информација за Деталниот урбанистички план за населбата „Бејбунар“ и за изградбата на источната трансферзала „Јордан Мијалков“.
Секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески по завршувањето на јавната расправа изјави дека малиот број на граѓани кои биле дел од јавната расправа се должи на континуираните средби и соработки кои општината ги остварува со месните и урбаните заедници.
-Градоначалникот Никола Бакрачески во текот на изминатиот период направи еден серијал на интезивни посети по месните и урбаните заедници и практично тие посети се однесуваа на оваа јавна расправа по однос на нацрт програмите и на тие состаноци во директна комункација со граѓаните, стручните служби прибираа информации за она што им е потребно на граѓаните и следствено на тоа ги концепираа развојните програми за работа на општина Охрид. Денешниот формален чин кога се закажува оваа јавна расправа прaктично беше изработен низ деновите наназад и претпоставувам дека граѓаните се задоволни од она што ние како локална самоуправа го планираме да го работиме во 2015 година, рече Спасески.
Тој истакна дека сите предлози кои биле дадени на денешната јавна расправа ќе бидат буџетски конципирани и доколку е возможно ќе бидат вметнати во програмите за 2015 година.
Според најавите од општинските служби веќе во понеделник ќе се подготват комплетните материјали на Развојните програми, кои во конечна верзија ќе се достават на усвојување на Советот на општина Охрид, заедно со Буџетот за 2015 година.
Е.М