Неефикасна и апсурдна е мерката за целосна забрана за движење во шума до 15 август, што поради зголемената опасност од појава на шумски пожари ја воведе Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, сметаат туристичките работници и љубителите на природата. Според нив единствено корист од ваквата ригорозна мерка имаат потпалувачите на пожари кои сега непречено ги пустошат природните богатства.
– Планинарите, велосипедистите, параглајдетистите, луѓето кои ја сакаат природата и одат таму од љубов, не се тие кои предизвикуваат пожари, напротив тие се фактор кој не им дава слобода на потпалувачите и се први кои пријавиуваат пожари и можат да ги идентификуваат потпалувачите и да помогнат да се докажат нивните злодела. Летањето со параглајдер над Охридското Езеро беше мошне атрактивно последните години. Сега нив не им е дозволено да летаат. Замислете параглајдерот кога ќе се крене во воздух може да здогледа пожар на километри околу него. Не верувам дека ниту еден парагладерист во светот подметнал или размислувал да подметне пожар. -изјави Антонио Додевски – инструктор за водичи на планина.
Додевски посочува дека изминатите 5-6 години поединци и агенции вложуваат големи средства за развој на алтернативниот туризам, а забраната воведена од страна на државата директно ја загрозува нивната егзистенција.
– Познавам луѓе кои имаат агенции кои исклучиво работат алтернативен туризам со склучени аранжмани уште од минатата година. Вие не можете туку така да воведете забрана. Луѓето платиле авионски билети, доаѓаат од секаде во светот, со себе носат и скапа опрема и вие сега им велите дека не можат да се движат во природа, тоа е апсурд невиден. Би ги прашал тие кои воведуваат забрани како ќе им компензираат на оние луѓе кои егзистираат професионално од турите на планина? – истакна Додевски.
Според Додевски целосната забрана за движење во шумите значи целосна немоќ на системот, кој наместо да ги одвраќа љубителите на природата од планините треба да ги стави во функција на превенција и заштита, затоа што тие се први кои можат да алармираат на евентуална појава на пожари и да помогнат во нивното гаснење.
– Наместо забрана за љубителите на природата и рекреативците можат истите да ги стават во функција. Треба да се предвидат средства во буџетот за хонорари за доброволци кои ќе се пријават да им помагаат на ренџерските служби и на шумската полиција и верувам дека така тие ќе имаат многу подобра контрола. – додава Додевски.
Антонио Додевски
Додевски изрази надеж дека државата ќе ја сфати направената грешка и најбрзо што може ќе ја укине целосната забрана за движење во шуми, бидејќи мерката е контрапродуктивна.
Г. Момироски














