Само шестмина охриѓани кои се зависници од цигари до сега побарале помош во Советувалиштето за откажување од пушење кое функционира во рамки на Центарот за јавно здравје во Охрид.

Одговорните во советувалиштето информираат дека овие лица се веќе опфатени во двочасовните групни предавања кои се одржуваат два пати неделно.

-Пријавените лица се претежно на возраст од над 50 години, а најчестата причина поради која сакаат да ги остават цигарите се здравствените проблеми. По групната терапија односно едукација правиме тестови за никотинска зависност, со кои се утврдува степенот на никотинска зависност и за каков тип на зависност станува збор. Откако ќе се утврди дали се работи за псхичка или физичка зависност, соодветно се постапува во понатамошниот третман, кој е утврден со планот и програмата за работа на советувалиштето, вели д-р Даниела Постоловска, одговорна во охридското Советувалиште за откажување од пушење.

Таа објаснува дека во рамки на првата фаза од Програмата за откажување од пушење биле опфатени вкупно 62-ца здравствени работници од Охрид.

-Од 24-ти јуни до 20-ти август советувалиштето работеше со охридските здравствени работници кои се зависници од цигари. Имаше групи на пријавени од Центарот за јавно здравје, од Општата болница, од Здравственот дом, од Заводот за кардиологија и од неколку приватни ординации. По спроведувањето на предвидени групни едукативни предавања, само еден здравствен работник од Охрид трајно се откажа од цигарите, појаснува Постоловска.

Таа се надева дека во иднина поголем број граѓани од Охрид кои се зависници од цигари, ќе побараат помош од советувалиштето за да се откажат од овој порок.

Инаку според Планот за откажување од пушење кој го промовираше Министерството за здравство на Република Македонија, едукативните предавања во советувалишта се фокусирани на презентирање на штетните ефекти од пушењето врз здравјето на пушачите, но и штетните влијанија од тутунскиот чад за околината. Во рамки на предавањата е предвидено презентирање и на различните можности за одвикнување од пушењето, посочување на одредени супститути на никотинот како што се медикаменти, мастики, лепенки за откажување како и укажување на симптомите на апстиненцијалната криза.

Советувалишта,  има за цел да ги истакнат многубројните здравствени придобивки од откажувањето од пушењето, како намалување на крвниот притисок, подбрување на циркулацијата и функцијата на белите дробови, намалување на кашлањето и отежнатото дишење и на ризикот од срцев удар.

Е.М