Голем камен, вчера попладне се струполи од ридот во населбата Свети Стефан на регионалниот пат Охрид – Св. Наум. За среќа во тој момент, на ова инаку фрекфентно место, не поминувало возило, инаку последиците можеле да бидат фатални.
Каменот кој со голема брзина се тркалал од ридот оштети дел од коловозот на една од клучките, по што завршил на регионалниот пат.
Случајот го забележа екипата на OhridNews, а непосрено потоа на местото на настанот дојде и екипа на јавното претпријатие „Нискоградба“, која се враќаше од работна задача во околината. Работниците ја отстранија опасноста од коловозот.
На ридот од кој падна каменот се слушаше звук од механизација која работи во непосредна близина на манастирот Св. Стефан, каде се уредува паркинг простор. Деновиве имаше и обилни врнежи. Тоа како што можеше да се слушне од работници, најверојатно е причина за одронот, кој за среќа мина без посериозни последици.