Покрај тоа што не може со сигурност да се утврди точна бројка на самохраните родители, опстанокот на нивните семејства не е превилегиран ниту со посебни законски прописи и најчесто се препуштени сами на својата судбина.
– Законот за брак и семејни односи ги регулира правата на децата во еднородителските семејства настанати од развод, така што на децата од таквите семејства им се обезбедува финансиско издржување од родителот со кој не живеат. Што се однесува пак за самохраните родители кои останале сами поради објективни причини, државата нема обезбедено посебни социјални привилегии. Посебна финансиска помош е обезбедена само за децата до наполнети три години, објаснуваат од охридскиот Центар за социјални работи.
И во Законот за работни односи нема посебни одредби кои утврдуваат посебни привилегии за самохраното родителство. Економскиот статус на самохраните родители се опфаќа само во некои времени проекти или програми. Таква беше и Програмата за намалување на невработеноста што ја спроведуваше Агенцијата за вработување на Република Македонија. Со овој проект државата ги стимулираше работодавците да врабтуваат самохрани родители. Иако на листата во охридскиот центар за вработување има евидентирано самохрани родители, за оваа програма за вработување немало голем интерес.
Во поглед на домувањето, семејствата со еден родител, во мал дел беа опфатени во социјалната мерка за доделување на Социјални станови, така што неколкумина самохрани родители од Охрид се вселија во социјални станови.
Инаку недамна Министерството за труд и социјална политика го промовираше проектот „Моето семејство“ со кој во идина ќе ги убедува самохраните мајки и еднородителските семејства, да не се откажуваат од своите деца и да не ги даваат во дом за деца без родители. За таа цел Заводот за социјални дејности ќе ги обучува вработените од установите за заштита на деца без родители и стручните работници од центрите за социјални работи, кои се дел од оваа проблематика и чии што услуги ќе бидат наменети за крајните корисници.