Самостојниот уметник Сергеј Цингуловски ќе покрене постапка пред Управниот суд, незадоволен од одлуката на Министерството за култура во врска со минатогодишниот конкурс за финансирање на самостојнии уметници, која била потврдена од Второстепената комисија. Неговата апликација била одбиена, но тој смета дека тоа било направено неосновано, а во постапката не биле почитувани законските рокови.

-Го обжалив тоа решение, осум месеци чекав одговор од Второтепената комисија кој го добив во исто време со објавување на новиот конкурс за самостојни уметници. Сега ќе се жалам до Управниот суд на решението на Второстепената комисија.-рече Цингуловски.

Од Министерството за култура информираат дека остануваат на ставот образложен во Решението на Комисијата за доделување месечни надоместоци на самостојни уметници во 2014 година, со кое уметникот е одбиен на конкурсот.

„Согласно доставената документација, односно приложениот визуелен и текстуален материјал кон пријавата на самостојниот уметник по конкурсот за доделување месечни надоместоци за самостојни уметници за 2014 година, Комисијата констатира дека реализираните самостојни и групни изложби не се претставени во реномирани галерии и истите не се професионално вреднувани од компетентни историчари и теоретичари на уметноста, односно неговите уметнички остварувања не се потврдени низ ликовните критики и теорија“.-стои во решението на Комисијата при Министерството за култура.

Цингуловски не се согласува со констатацијата на надлежната комисија и смета дека процесот за доделување месечен надоместок на самостојни уметници е нетранспарентен, поради што бара министерството јавно да ги објави имињата на уметниците кои добиле средства од државата. Укажува дека зад себе има 15 изложби во земјава и странство, а дел биле поддржани од самото министерство.

-Јас сум излагал на Охридско лето, самата институција си ја негираат. Министерството ми дава 2008 пари за мултимедијален проект кој го направив на Охридско лето од друга страна не ти го признава.-вели Цингуловски.

Цингуловски пред неколку години изработи најдолгата скулптура на јагула во светот и ја подари на градот. Таа беше изложена на јавен простор, но подоцна беше уништена од несовесни граѓани. Тоа според него го покажува односот на општеството кон уметниците, поради што Цингуловски сериозно размислува егзистенција да побара надвор од земјата.

Г.М.