Самостојна изложба на слики насловена „Охридска рапсодија” на Анче Колева ќе биде отворена утревечер, 22 септември, со почеток во 19:30 часот во изложбениот салон во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид.
Уметноста за мене не е само разговор со самата себе додека создавам слики. Таа е разговор со сончевината: кога утрото зреејќи се ближи, кога слушам како блеснува денот врз мекоста на мислата, кога звукот на брановите лулеат волшебна убост и милозвучна охридска рапсодија, вели Колева.
Уметничките дела на Колева ни даваат еден поинаков начин на гледање на сликарството, нив не треба само да ги набљудуваме, туку и да ги почувствуваме, вели Д-р Кристина С. Алоска, промотор на изложбата.
Тие како да не повикуваат да го слушнеме она што е насликано – мелодијата скриена во линиите, ритамот во потезите и емоцијата во секоја употребена боја. Ова се дела што говорат. Тие повикуваат да се слушне музиката во боите на платното. „Охридска рапсодија” е покана до гледачот да погледне подлабоко да ја бара скриената приказна во боите, во линиите, во движењето и во тишината меѓу нив!, додава Алоска.
Изложбата е во организација на НУ Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид, поддржана од Министерството за култура и туризам.
Инаку, Анче Колева расте и се школува во Велес. Филозофско- историски факултет завршува во Скопје. Потоа работи како референт за информирање. Повеќе години престојува во Франција и Швајцарија. Таа е самоука сликарка и поетеса. Ја има издадено стихозбирката „Поток бои”, остварено 6 самостојни и 9 групни изложби. Учествува на ликовни колонии и хуманитарни настани.
Утрешната „Охридска рапсодија” е нејзина седма самостојна изложба.
Н.С.Ј.












