Русинот Сергеј Самсоненко и понатаму ќе остане главен спонзор на Фудбалскиот клуб Вардар, како и на машкиот и женскиот Ракометен клуб Вардар. Самсоненко најави заминување после завршување на оваа сезона и целосно повлекување од македонскиот спортски бренд. Но, во најновото соопштение до јавноста тој вели дека ја променил одлуката и останува на чело на „црвено црната“ армија.

– Пред извесно време донесов одлука дека од наредната сезона нема да инвестирам во трите клуба. Причината беше само една, затоа што се собра цел куп на пишувања од одредени медиуми, кои промовираа невистини, лаги, превртување на факти. Ми се собра до срце и емоционално ја донесов таа одлука и ја кажав на жешка глава. Не сакав да заминам од Вардар и сакам да кажам дека на сите добри луѓе да не веруваат во невистините. Сакам да порачам на тие што пишуваат лаги, дека Вие немате ниту срам, ниту совест. Ве сметам како предавници, затоа што не сум направил ништо лошо за оваа држава, ја засакав како своја, направив само добри работи. Не направив ништо лошо. Тоа е дно да се прави такво нешто. Затоа, јас нема да заминам од Вардар, тука ќе сум засекогаш. Ги повикувам сите да не поддржат и заедно да се бориме со сите неправди. Сигурен сум дека ќе има многу успеси. – изјави рускиот тајкун.

Со него како предводник македонскиот клупски спорт во ракомет и фудбал ги доживеа најголемите успеси. Вардар во ракомет ја покори Европа освојувајќи ја титулата во ЛШ, додека фудбалерите за прв пат обезбедија учество во групна фаза во едно од двете клупски натпреварувања по капата на УЕФА.

OhridNews