Што кријат вековните ѕидини на Самуиловата тврдина? Во новото ексклузивно видео на Охридњуз, ве водиме зад сцената на најновите археолошки истражувања во срцето на Охрид кои фрлаат нова светлина на историјата.
Тим археолози од НУ Завод и Музеј Охрид предводен од археологот и виш кустос Анатолиј Арнаудоски и научни истражувачи од престижниот Универзитет Оксфорд заеднички работеа на локалитетот Самуилови тврдини во рамки на проектот кој е финансиран од Министерството за култура и туризам. Таму пред три години беше откриена средновековна некропола која датира од периодот помеѓу 11 и 13 век. Во текот на истражувањата пронајдени се две доцноантички гробници, односно гробници од ранохристијанскиот период кои најверојатно датираат од 5 или раниот 6 век од новата ера.
Интересно е тоа што оваа година наоѓаме многу остатоци, делови од мозаик, што ни дава индиции дека на целиот простор можеби постоел некој сакрален објект што ќе видиме во иднина со понатамошните истражувања, вели Арнаудоски.

Во истражувањата втора година вклучени се и професори и студенти волонтери од Обединетото Кралство.
Охрид беше многу гостопримлив кон нас, а ова беше проект кој поттикнува голема меѓународна соработка, па се надеваме дека следната година повторно ќе се вратиме, вели Нејтан Вебсдејл од Универзитетот Оксфорд.

Самуиловата тврдина останува предизвик за археолозите и во иднина со оглед дека има уште многу за истражување. Се надеваат дека финансиската поддршка ќе продолжи и понатаму, како и соработката со волонтерите.
Н.С.Ј. I Г.М.
Фото I Видео: А. Момироска











