Во текот на изминатата недела завршија активностите за санација на свлечиштето кај село Ботун, на магистралниот пат А2 од Кичево до Охрид. Сообраќајот на овој патен правец повеќе не се одвива по една коловозна лента и не е регулиран со семафор.

Освен на овој дел од патот, заврши санацијата и на свлечиштето на планинскиот превој Пресека кај паркингот „Чешма“ каде што исто така сообраќајот се одвиваше по една коловозна лента и беше поставен семафор.

Од Јавното претпријатие за државни патишта неодамна информираа дека целта на активностите за санација на свлечиштата е да се обезбедат побезбедни услови за движење на возилата.

Активностите за санација на свлечиштата отпочнаа на крајот на месец април 2014 година, а градежните активности се одвиваа во текот на летниот период. Поради големата фреквенција на возила во екот на туристичката сезона, во неколку наврати санацијата на свлечиштата предизвика застој на овој патен правец, а за поминување се чекаше и повеќе од еден час.

Средствата  за санација на двете свлечишта беа обезбедени преку заем од Светска Банка, а градежните активности на терен ги изведуваше АД „Илинден“ од Струга.

OhridNews