Министерството за транспорт и врски најавува санкции за концесионерите на охридските плажи кои не ја отстраниле урбаната опрема.

Имено, договорите за краткотраен закуп на плажите на Охридското Езеро во општина Охрид истекоа на 30.09.2011 година. По извршените контроли од страна на посебно формираната комисија при надлежното министерство било констатирано дека не бил исполнет критериумот од договорот за отстранување на урбаната опрема, за што на донеодамнешните концесионери им бил даден рок од еден месец да ја отстранат урбаната опрема.


– Минатата седмица е направена нова контрола и за сите оние кои не ја почитувале оваа обврска и дадениот рок ќе бидат преземени соодветни мерки, согласно законските прописи, велат од министерството за транспорт.

Во Охрид под закуп во изминатиот период дадени беа 19 плажи за кои најповолните понудувачи на јавните наддавања во Министерството за транспорт и врски склучија договори за краткотраен закуп за период од две години. За овие локации наскоро ќе биде распишана јавна објава за давање под закуп по пат на јавно наддавање.
 
Најповолните понудувачи кои стануваат закупци на плажите по пат на јавно наддавање се обврзуваат плажите да ги уредат според насоките и упатствата на Министерството за транспорт и врски.

Оттаму потенцираат дека надлежната комисија во текот на периодот во кој плажите се дадени под закуп континуирано врши контроли и детална проверка  дали се исполнуваат утврдените насоки и упатства. Онаму каде се утврдуваат отстапувања, се вршат соодветни укажувања и опомени, за отстранување на неправилностите.

OhridNews