Владата предлага измени и дополнувања на кривичниот законик во насока на спречување и санкционирање на насилство на спортскит етерени.

–    За превенција и санкционирање на насилството на спортските терени, пропишавме нов облик во постојното кривично дело „Насилство“ во кое предвидовме казна затвор од шест месеци до пет години за тој што друг го малтретира, навредува, ја загрозува неговата сигурност или врши врз него грубо насилство поврзано со спортски натпревар и тоа пред, за време и по завршувањето на натпреварот. Како квалификаторни облици на ова кривично дело пропишавме построги казни за случаите доколку како резултат од наведеното дело има последица тешка телесна повреда или смрт на некое лице, како и предизвикување тепачка, нереди и оштетување на имот од поголема вредност. За наведените дејствија, пропишавме казна затвор во траење од три до десет години, односно од една до пет години, изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Како што додаде Ѓорѓиев, практиката покажува дека значајна улога во извршувањето на ова кривично дело имаат организаторите на навивачките групи и организаторите на натпреварите кои понекогаш не само што не ги спречуваат ваквите насилства иако тоа им е должност, туку и ги поттикнуваат организираните навивачки групи да го извршуваат ова кривично дело.

–    Токму затоа, пропишавме кривична одговорност и за организаторот на групата што го извршила како и за организаторот на спортскиот натпревар кој не преземал мерки за спречување на насилството, за што е предвидена казна затвор од три до десет години, рече Ѓорѓиев.

Со овие измени се очекува да се изврши сериозно влијание во превенцијата од сторувањето на вакви кривични дела, да се заштити здравјето и безбедноста на граѓаните, да се заштити имотот, но и да се заштитат самите спортски фанови да не учествуваат во вакви настани и да го заштитат и своето здравје и безбедност.

Дел од измените во законикот се однесуваат на кривичните дела кои се однесуваат на лажирањето спортски натпревари. Имено, во кривичното дело измама се додава нов став согласно кој се пропишува дека со казна затвор од една до десет години ќе се казни тој што со намера за себе или за друг да прибави противправна имотна корист, ќе доведе друг во заблуда или ќе го држи во заблуда со лажно прикажување или прикривање факти што се однесуваат на лажиран спортски натпревар или наместен резултат на спортска игра, и со тоа го наведе да стори или не стори нешто на сметка на својот или туѓ имот.

OhridNews