Нивото на Охридското Езеро и натаму опаѓа. Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи, тоа се наоѓа на 693,08 метри надморска височина, што е два сантиметри под дозволениот минимум кој се смета за долна природна граница (693,10 м.н.в.) и 9 сантиметри под котата утврдена во Билатералниот договор склучен со Република Албанија (693,17 м.н.в.).

Експертите велат дека осцилациите на Охридското Езеро, но и на останатите водни ресурси кај нас, но и пошироко, се чести во изминатите години. Според научната јавност таквиот неповолен хидролошки тренд е комбинација на фактори кои се должат пред се на климатските промени и човечката негрижа. Оттаму приоритет несомнено треба да биде грижата за водните ресурси и пред се нивно паметно искористување, вели науката.

И оваа есен е исклучително сушна, без вообичаените врнежи за овој период од годината. Според најавите таквиот тренд ќе продолжи, што дополнително ќе ја влоши ионака лошата хидролошка состојба.

Со цел да се заштити животната средина и биодиверзитетот на Охридското Езеро, потребно е привремено да се запре со производство на електрична енергија од хидропотенцијалите по течението на Дрим, беше договорено на онлајн состанокот помеѓу премиерот Зоран Заев, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа и директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски, што се одржа на почетокот од месецов.

Во информцијата доставена  од страна на АД ЕСМ до Владата за состојбата со природните езера и вештачките акумулации, се наведува дека водата во езерата e искористeна во пообемна мера и секој понатамошен истек ќе го загрози еколошкиот минимум на котите, неопходен за живиот свет.

OhridNews