Министерот за економија Ваљон Сараќини, денеска на прес конференција ја промовираше брошурата наменета за потрошувачите и нивните права при организирани туристички патувања подготвена од министерството за економија и организацијата на потрошувачи на Република Македонија.

„Преку брошурата сакаме да укажеме посебно на значењето на договорот кој го потпишуваат потрошувачите и давателите на туристички услуги, каде се ставени  правата и обврските и на двете страни, не само на едната страна, а златното правило гласи: секогаш склучете договор во пишана форма, но претходно добро запознајте се со договорот”, рече Сараќини додавајќи дека целта на издавањето на брошурата е и да се придонесе за подигање на квалитетот на услугата и почитување на регулативата што е во интерес и на агенциите и на граѓаните, односно потрошувачите.

Државниот пазарен инспекторат постојано врши контроли низ туристичките агенции,  а континуирано ќе постапува и по пријавите на граѓани за ваков тип оштети.

„ Минатата година е постапувано по 67 пријави, а присилно се затворени 11 туристички агенции. Главниот проблем со пријавите од граѓаните е неисполнување на договорите кои патниците ги потпишуваат со агенциите”, информираше министерот.

Министерот Сараќини апелираше до агенциите да ги почитуваат договорите со своите патници, она што го нудат за цената навистина и да го реализираат, бидејќи покрај санкциите кои ќе следат за непочитување на законот за туристичка дејност и законот за заштита на потрошувачите, да не ја занемаруваат и  штетата што ќе ја имаат и од директната негативна реклама на незадоволните патници или групи.

„Покрај ова, би сакал да им обрнам внимание и на граѓаните, да внимаваат при изборот на аранжмани,  да не прифаќаат нереални понуди кои се нудат во рекламирањето и да внимаваат на реномето на агенцијата која ја избираат”, потенцираше Сараќини.

OhridNews