Изборот следува по распишаниот јавен оглас и предлогот на надлежните органи на претпријатието кои на градоначалникот Петрески, како единствен кандидат за директор на ЈП „ Охридски комуналец“ го предложија Сашо Алче, кој речиси две и пол години, како вршител на должноста раководеше со ова општинско јавно претпријатие.
Петрески досегашната работата на Алче ја оцени како солидна и пример кој треба да го следат менаџерите и на останатите јавни претпријатија во Охрид.
– Ова е потврда за работењето на претпријатието во изминатите две и пол години, каде јас ја извршував функцијата ВД директор и пред се е потврда за мојот менаџерски тим. Мора тука да ги споменам и работниците кои исто така даваат голем придонес во успешното работење на ЈП „Охридски комуналец“, изјави Сашо Алче.
Првиот човек на ЈП “Комуналец” истакна дека продолжува реализацијата на планираните идеи, проекти, долгорочни и краткорочни активности.
– До почетокот на идната туристичка сеозна старите машини и возила ќе ги ставиме вон употреба и ќе ги замениме со нови. Ќе инвестираме пред се во опрема и во машини, од причина што ефикасноста најмногу ќе дојде до израз ако инвестираме во тој дел. И во делот на јавното зеленило, ќе има дополнителни инвестиции. Заедно со локалната самоуправа го правиме нацрт проектот за уредување на еден поголем парк покрај езерото, додаде Алче.
Тој потенцира дека започнува и уредувањето на просторот наменет за зеленило во населбата „Христо Узунов“, а ќе се уредуваат и парковите во поширокото градско подрачје, како и кружните текови по улиците. Ќе се поставуваат нови дрвореди и жардиниери на улицата ” Македонски просветители”, но и на останатите улици во градот.