Екипата на Сатеска од Волино на реконструиран стадион и игралиште ќе го пречекат составот на Фљамуртари од Радолишта во втората рунда од пролетната полусезона во Третата македонска фудбалска лига југо-западен регион.


Градоначалникот на Општина Дебрца, Игор Трајкоски беше во работна посета на стадионот на кој се одвиваат завршните работи. Реконструирани се соблекувалните за играчите, судиите и делегатот, а саниран е и тревникот од теренот. Изградени се метални трибини, ограда околу стадионот и систем за наводнување на тревата.

– Верувам дека ова фудбалско игралиште ќе излезе во пресрет на фудбалскиот клуб ФК Сатеска, како и на потребите на жителите на Волино, пред се на младите, кои тука ќе може да се рекреираат, да спортуваат и да ги развиваат своите спортски вештини, но и на повозрасните кои ќе може тука да се рекреираат. – изјави градоначалникот Трајкоски.


За реконструкцијата и санацијата на фудбалското игралиште, обезбедени се средстава од буџетот на Општина Дебрца со износ од 1.484.286,0 денари.


Фудбалерите на Сатеска во првиот натпревар од пролетната полусезона ремизираа 4-4 во дербито со Охрид, а во дуелот со Фљамуртари неопходна им е победа за побегнување од опасната зона.

OhridNews