Четири години локална власт на ВМРО-ДПМНЕ се четири години разочарувања за граѓаните. Четири години кои наместо развој и проекти за граѓаните, донесоа само разочарувања, нечисти општини, урбанистички хаос, поскапи цени за граѓаните и бројни скандали со тендери. Општините предводени од ВМРО-ДПМНЕ се претворија во епицентар на тендерски шеми и партиски злоупотреби на народните пари, посочи на денешната прес конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Преку фирми блиски до власта, систематски се испумпуваа пари од граѓаните. Најочигледен доказ за тоа е фактот дека едни исти фирми, и во општините и во државните институции, добиваат милионски тендери и речиси секогаш се јавуваат како единствени понудувачи. Тоа не е конкуренција, тоа е корупција во најчиста форма. Додека јавните пари се трошат за партиски бизнис шеми, ВМРО-ДПМНЕ ги удри граѓаните по џеб. Локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ воведе поскапи сметки за вода, канализација, смет и го зголеми данокот на промет, вели Кузеска.
Посочи дека Прилеп, Штип, Охрид, Битола, Ѓорче Петров, Бутел, Неготино, Гевгелија, Велес, речиси и да нема општина водена од ВМРО-ДПМНЕ каде не се покачени сметките за граѓаните.
Наместо да ги олеснат животите на луѓето, тие ја зголемија цената на секојдневието, оставајќи ги граѓаните со повисоки давачки и со посиромашни општини. А сликата на општините под капата на ВМРО-ДПМНЕ е срамна: улици полни со ѓубре, сообраќаен хаос, никакви инфраструктурни решенија, ниту еден сериозен проект за подобар живот. Наместо развој, видовме само застој и назадување. На ова се надоврзува долгиот список на неисполнети ветувања. Изборните програми остана само на хартија, а граѓаните добија четири години изгубено време. Најголемиот пример за оваа катастрофална локална власт на ВМРО-ДПМНЕ е токму главниот град Скопје, рече Кузеска.
Истакна дека наместо локалната самоуправа да биде сервис на народот, тие ја претворија во сервис за сопствени интереси и партиски привилегии.
Четирите години докажаа дека ВМРО-ДПМНЕ ја има најнеспособната и најкорумпираната локална власт досега. Затоа, локалните избори се шанса за клучни промени на локално ниво. Шанса да се стави крај на четиригодишното разочарување на ВМРО-ДПМНЕ, на хаосот, нереализираните ветувањања, урбаната мафија и криминалот. Шанса да се вратат општините таму каде што им е местото: во служба на граѓаните, додаде Кузеска.
OhridNews