Љубен Арнаудов прво треба да им одговори на граѓаните за неговата вмешаност во настаните од крвавиот 27-ми април кога беше посегнато по уставниот поредок и по животите на пратениците од мнозинството, се вели во реакцијата на огранокот на СДСМ на прес конференцијата на опозицискиот пратеник што се одржа вчера во Охрид.

„Што се однесува на амандманите кои тие ги поднеле за ребаланс на буџетот, ги потсетуваме дека општинските комисии за проценка веќе одамна работат на утврдување и проценка на штетите кои настанале како последица на земјотресите. Всушност, заменик градоначалникот Ангел Јанев кој воедно е и командант на кризниот штаб на општината, а кој денес се појави на партиски прес, за ова веќе би требало да го има информирано својот сопартиец Арнаудов.

Како што и е познато на јавноста, настанатите штети како последица на земјотресите, по утврдувањето од страна на општинските комисии, ги надоместува Министерството за финансии. Толку од теоријата на Арнаудов дека СДСМ не се грижи за граѓаните. Воедно, би сакале да му посочиме на Арнаудов дека настанати штети не се субвенционираат, туку се надоместуваат.

Инаку што се однесува до туристичката сезона, нејасно како ВМРО ДПМНЕ уште на самиот почеток ја прогласува сезоната за пропадната. Несериозно и шпекулативно е да се даваат изјави од таков тип. На крајот на краиштата, нивниот градоначалник, Бакрачески веќе четири години не успева да ги сумира резултатите од било која од претходните летни туристички сезони.“ – се вели во соопштението на О.О. СДСМ Охрид.

OhridNews

Охридските пратеници бараат државата да ги субвенционира штетите од земјотресите