Раководството на СДСМ не се согласува со одлуката на градоначалникот на Охрид, Александар Петревски, на чија иницијатива Советот на Охрид одлучи на ниту една партија да не  дозволи да одржи предизборен митинг на градскиот плоштад-пишува „Дневник“.

Од СДСМ велат дека и тие како партија ќе инсистираат во изборната кампања да одржат митинг на плоштадот во Охрид, а не на Полигонот за мали спортови како што одлучила локалната самоуправа.

– Сметаме дека таквите барања треба да им бидат уважени и на другите политички партии. Очекуваме Петревски да им излезе во пресрет и на СДСМ и на другите партии – го пренесува ставот на СДСМ, весникот „Дневник“.

Како што објави OhridNews, охридските советници на иницијатива на градоначалникот Петрески донесоа одлука предизборните митинзи во Охрид наместо на централниот плоштад „Св. Климент Охридски“, да се одржуваат на просторот на поранешниот полигон за мали спортови.  Како што образложи градоначалникот, причина за ваквиот предлог се големите количини отпад кој зад себе го оставаат присутните на митинзите, како и уништувањето на цветните насади околу градскиот плоштад- локацијата на која во изминатите години се одржуваа предизборните митинзи.

– Оваа предизборна кампања ќе се одржува пред самиот почеток на туристичката сезона, кога градот се подготвува за дочекот на туристите. Поаѓајќи од искуството од минатите години, кога по завршувањето на митинзите остануваа купишта расфрлан отпад насекаде во центарот на градот, а зелениот појас беше целосно уништен, сметам дека градскиот полигон е посоодветно место за ваквите настани. Ние како локална самоуправа на организаторите ќе им ги обезбедиме сите потребни услови за одржување на настанот, а добивме и ветување од сопственикот на локацијата, градежната компанија Гранит дека ќе може да се користи без плаќање надомест, рече Петрески.


И СДСМ и ВМРО ДПМНЕ бараат митинг на плоштадот во Охрид


Со ваквите ставови не се согласуваат од ВМРО ДПМНЕ, чии советници гласаа против одлуката за промена на местото на одржување на предизборните митинзи во Охрид. Оттаму посочуваат дека ВМРО-ДПМНЕ од секогаш своите митинзи ги започнувале од плоштадот во Охрид и оти партијата не отстапува од донесената одлука митингот со кој таа ќе ја започне кампањата за претстојните парламентарни избори да го одржи на плоштадот.

–  На 16 мај митинг на градскиот плоштад ќе има бидејќи ВМРО-ДПМНЕ од Охрид ги има сите потребни документи за одржување на митингот и од локалната самоуправа и од сите други институции.- рече Михаилов.

Останува да се види дали градоначалникот Петрески по силните негодувања од најголемите политички партии ќе ја промени својата одлука и ќе дозволи предизборните митинзи да се одржуваат на централниот плоштад.

Г.М.