Наводните вложувања што криминалните структури на ДПМНЕ помпезно ги презентираа пред јавноста во Охрид, како изградбата на тениските игралишта и повеќенаменското игралиште кај Билјанини извори, зјаат празни бидејќи нив апсолутно никој не ги користи, рече на денешната прес конференција портпаролот на општинската СДСМ, Мишел Наумоски.

– Како и би се користеле кога локалната самоуправа одлучила да ги заклучи. Дека овие таканаречени проекти се прават само за да се замајува јавноста и да се креира заблудата дека нешто се работи, говори и состојбата во која тие се наоѓаат. Додека околу тениските игралишта сеуште има отворени и незаштитени кабли, повеќенаменското игралиште е целосно прекриено во птичји измет. А очигледно нема и кој да го исчисти. Па кој би спортувал во објект прекриен со птичји измет, дури и да успее да влезе. Ако намената на спортските објекти е да им понудат алтернатива на младите, нивно катче, место каде ќе се дружат и спортуваат тогаш зошто истите се заклучени. Или можеби тие се приватни игралишта за негување на спортскиот дух помеѓу членовите на ДПМНЕ, па обичните граѓани тука немаат пристап, запраша Наумоски.

Тој додаде дека додека локалната самоуправа на ВМРО ДПМНЕ сеуште е во заблуда што е тоа капитален проект, сеуште нема ни трага од затворениот градски базен кој со години се најавува.

– Таму има само купишта земја и неколку метални шипки. Ете толку им значи Охрид на тендер фамилијата и на локалната самоуправа која наместо да реализира проекти кои многу ќе има значат на Охриѓани, како затворениот базен, тие градат патеки, патечиња, кружни текови, цртаат хотели каде ќе стигнат. Градоначалникот Бакрачески и директорот на ЈП Билјанини извори ја користат секоја можност јавно да фантазираат за некаков си развој на спортски туризам, а немаат ниту спорт ниту туризам. Бакрачески изјави дека нивната стратегија за туризам се разликувала од другите и во право е. Неговата стратегија се разликува по тоа што не носи никакви резултати. Зборува за некакви проекти од државниот завод за статистика и бројки од секторот за туризам и како биле задоволни од постигнатото.Чудно, но досега ниту сме чуле, ниту виделе Бакрачески да излезе со конкретни и апсолутни бројки колку ноќевања се оствариле или колку средства тие донеле во градот. Наместо тоа ние мора да веруваме на суперлативите со кои тој се расфрла во секоја можна прилика. Нивната траснпарентност е само на хартија, а кога на обичниот граѓанин му е потребна информација тие треба да играат детективи или да вежбаат истражувачко новинарство, рече Наумоски.

Наумоски додаде дека најавените проекти од актуелната власт се само популистички приказни за мали деца, а по формирањето на влада од СДСМ ќе се означи почетокот на новиот живот во Македонија, живот во кој Охрид повеќе нема да биде периферија, туку центар на културното, економското и спортсоко живеење.

OhridNews